Во видеото посочува дека е создадено езеро од отпадни води од процес што нелегално го извршува фирма што без дозвола врши сепарација на брегот на реката Вардар во Општина Аеродром
Приватна фирма без лиценца и одобрение за работа врши нелегален ископ на песок и бесправна експлоатација на коритото на реката Вардар во Општина Аеродром, објави денеска на Фејсбук градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
Таа денеска, исто како и пред два дена од Општина Чаир, се вклучи со видео во живо на својот фејсбук-профил, но од локација од Општина Аеродром, поточно кај мостот во Долно Лисиче, спроти Опитно Поле.
На терен, како што посочи, се затекнати нелегални активности на бесправна експлоатација на коритото на реката Вардар, од фирма која нема никакви лиценци, елаборати, дозволи и одобренија ниту за работа ниту за механизацијата, со која, како што додаде, ги извршуваат овие злодела против природата, а што потенцијално претставува и опасност по здравјето на граѓаните.

Во видеото, таа посочува дека е создадено езеро од отпадни води од процес што нелегално го извршува фирма што без дозвола врши сепарација на брегот на реката Вардар во Општина Аеродром.
„Сите Скопјани треба да го видат ова чудо. Направено е вештачко езеро од отпадни води што потоа понираат во реката Вардар“,
вели таа во видеото.
Пријавата, како што додаде, е од невладина организација и граѓани.
За случајот се известени Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за внатрешни работи (МВР) и сите надлежни институции.
„Еве ја ситуацијата на терен. Како во прашумите на Амазон, но во Скопје. Нелегален ископ на криминалците од ‘Прогрес компани‘ од Долно Коњари, браќата Ќазим и Ќамил Османовиќ, кои додека си тераат бизнис и прават пари со енормно загадување на Вардар и природата, имаат време и да се закануваат“,
кажа градоначалничката.
Го повика Министерството за внатрешни работи (МВР) и надлежните институции да постапат, а најави и дека ќе поднесе пријава поради заканите по нејзиниот живот и животот на нејзиното семејство од страна на сопственици на форма од Долно Коњари.
„Почитуван Министер Тошкоски, ова сметајте го и за пријава против лицето Ќамил Османовиќ и неговите соработници кои упатија пред сведоци закани по мојот живот и по животот на моето семејство, за што и формално ќе поднесам пријава до вас. Никој не им се плаши, но убаво би било да видиме дали ќе постапите бидејќи неказнивоста и непостапувањето предизвикува да мислат дека се недопирливи пред законот“,
рече Арсовска.
Таа завчера, вклучувајќи се со видео во живо на својот фејсбук-профил, покажа две градилишта за кои рече дека се гради на диво.
Движејќи се по градилиштето, Арсовска рече дека во Општина Чаир се гради спротивно на законот и побара Министерството за внатрешни работи (МВР) да реагира.