Обидот за воен удар доаѓа откако утрово габонскиот изборен центар соопшти дека актуелниот претседател Али Бонго освоил трет мандат на претседателските избори со 64,27 отсто од гласовите. Опозицијата ги оспори ваквите резултати прогласувајќи ги за фалсификат
Офицерите, како што пишува „Гардијан“, изјавиле дека неодамнешните општи избори во земјата немаат кредибилитет, истовремено тврдејќи дека ги претставуваат сите безбедносни и одбранбени сили на Габон
Група високи воени офицери на Габон се појавија на националната телевизија на африканската земја соопштувајќи дека ја презеле власта во државата, пренесуваат светските медиуми.

Офицерите, како што пишува „Гардијан“, изјавиле дека неодамнешните општи избори во земјата, според нив, немаат кредибилитет, истовремено тврдејќи дека ги претставуваат сите безбедносни и одбранбени сили на Габон.
Општите избори во африканската земја се одржаа во саботата и на нив победи актуелниот претседател на Габон, Али Бонго, но групата армиски офицери на националната телевизија рекле дека резултатите се поништуваат, сите граници на земјата се затворени до понатамошно известување, а државните институции се распуштени.
Во главниот град на земјата – Либревил, како што пренесува репортерот на Ројтерс, можеле да се слушнат звуци од истрели од огнено оружје.
Засега нема изјави од официјалните власти на земјата во врска со последните случувања.
„Во името на габонскиот народ… решивме да го браниме мирот ставајќи крај на сегашниот режим“,
изјавила групата габонски офицери на националната телевизија.
Обидот за воен удар доаѓа откако утрово габонскиот изборен центар соопшти дека актуелниот претседател Али Бонго освоил трет мандат на претседателските избори со 64,27 отсто од гласовите. Опозицијата ги оспори ваквите резултати прогласувајќи ги за фалсификат.

Објавувајќи го резултатот во раните утрински часови, шефот на изборната комисија Мишел Стефан Бонда рече дека главниот противник на Бонго, Алберт Ондо Оса, е втор со 30,77 отсто освоени гласови.
Тензиите во земјата, како што пренесува „Гардијан“, растеа во услови на страв од немири за време на претседателските и парламентарните избори што се одржаа во саботата, кои, како што наведува британскиот весник, претставувале обид на актуелниот претседател Али Бонго да ја прошири власта на своето семејство кое 56 години ја контролира земјата. Од друга страна опозицијата, која ги оспори резултатите од изборите, настапила со залагања за промени во земјата, богата со нафта и какао, но погодена од сиромаштија и покрај богатите природни ресурси.
Ситуацијата дополнително стана тензична поради недостигот на меѓународни набљудувачи, одлуката на властите да ги прекинат интернет-услугите и да воведат полициски час низ целата земја во текот на ноќта откако резултатите предизвикаа загриженост за транспарентноста на изборниот процес.
Во обраќање на националната телевизија еден офицер ја читаше заедничката изјава, додека дузина други стоеја тивко зад него во воени униформи и беретки на главите.
Групата за себе соопшти дека се членови на комитетот за транзиција и реставрација на институциите. Државните институции кои ги прогласија за распуштени ги вклучуваат владата, сенатот, народното собрание, уставниот суд и изборното тело на Габон.
Доколку биде успешен, пучот ќе претставува осми во западна и централна Африка од 2020 година. Превратите во Мали, Гвинеја, Буркина Фасо, Чад и Нигер го поткопаа демократскиот напредок во земјите од овој региони на Африка.
Во јули војската ја грабна моќта во Нигер и предизвика бранувања во целиот регион на Сахел.
Инаку, актуелниот претседател на Габон, 64-годишниот Али Бонго, кој го наследи својот татко Омар како претседател во 2009 година, имаше 18 противкандидати, од кои шест го поддржаа Ондо Оса во обид да предизвикаат неизвесност во изборната трка.
Во 2016 година, како што потсетуваат медиумите, зградата на парламентот во Габон беше запалена откако избија насилни улични протести против спорниот реизбор на Бонго за неговиот втор мандат. Владата тогаш го исклучи пристапот до интернет на неколку дена.