Осум лица се осомничени за изнуда, петмина од нив биле приведени, а по тројца е распишана потерница. Биле извршени и претреси во домовите на осомничените, а на стариот пат за селото Количани било пронајдено одземеното возило на жртвата

Пет лица од скопското село Батинци се приведени, а по три е распишана потерница. Против сите е поднесена кривична пријава за изнуда, а за еден од приведени одреден е притвор, додека за четворица им се одредени поблаги мерки за обезбедување.
Овие податоци ги соопшти МВР откако во четвртокот жител на Батинци пријавил дека бил држен и тепан од неколку лица, а му го одзеле возилото и му барале до денеска да им исплати 50 000 евра.
„На 08 јуни 2022 во СВР Скопје жител на Батинци пријавил дека на 05 јуни 2022 г. околу 20:30 часот во казино во с.Батинци, каде по претходна вербална расправија со М.Т. бил повикан од Ј.К. и задржан подолго време, бил физички нападнат со тврди предмети од неколку лица. Тие со закани му изнудувале до 10 јуни 2022 да им исплати 50 000 евра и му го одзеле патничкото возило ’порше кајен‘, во кое имало пари и лични документи“,
соопштија од МВР.
МВР го утврдила идентитетот, по што спровела акција и соопшти дека станува збор за осум лица кои се на возраст од 32 до 51 година, сите од Батинци. Во акцијата биле извршени и претреси во домовите на осомничените, а на стариот пат за селото Количани било пронајдено одземеното возило на жртвата.