„Стоп корона“ е името на засега најпопуларната домашна апликација за мобилен телефон, која допрва треба да им помогне на емидемиолозите во справувањето со ковид-19.

„Доколку два мобилни уреди со инсталирана апликација се најдат во меѓусебна близина, во апликациите се евидентира кодот на апликацијата која е во нашата близина и времето кога тоа се остварило. Единствен податок што го бара апликацијата е мобилниот број на корисникот“,
изјави на прес конференција министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, презентирајќи ја апликацијата.

Зачуваните податоци од апликацијата ќе станат достапни за здравствените власти само со согласност на сопственикот на телефонскиот апарат, што пак може да им биде од помош на епидемиолозите да ги детектираат точките на пренос на вирусот.
Но, „Стоп корона“ не е единствената домашна иновација на фронтот против епидемијата. На неодамнешниот повик на Фондот за иновации и развој стигнале повеќе идеи.
„Ова решение да го кренеме на повисоко ниво и да ја производеме таа респираторна машина“,
повикува кавадаречкиот иноватор Димитрија Ангелков.
„Социјално вмрежување и комуникација на здравствените работници, полесно креирање на препораки и рецепти е решение на струмичката „Мед Реп“,
вели Владимир Бајрактаров.
„Челинџер седи дома“ е апликација која сака да ги мотивира луѓето да останат дома, а за тоа да бидат наградени“,
објаснува Олга Рајчиќ.
Какви се шансите на креативните решенија, од добра идеја да станат реална алатка во борбата со ковид-19?
Кавадаречкиот професор и иноватор Димитрија Ангелков изработува по 100 визир маски дневно, кои ги донира на институциите на кои им се неопходни. Но, решил да оди чекор понатаму и на повикот на Фондот за иновации пријавил прототип на толку бараните респираторни машини. Иако најдобро оценет од сите 546 пријавени на повикот, се повлекол под притисок на сознанието дека нема да го стигне рокот да има готов производ за две недели. Но…

„Многу ноќи не преспав и изгубив за да го решам ова, како доктор по технички науки. Решението го најдов во автомобилската индустрија. Сите тие вентили пневматски, разводници, цели електронски вентили, контролери, сето тоа ги има највисоките стандарди за безбедност, за заштита на животот на еден човек и тоа е клучот“,
објаснува тој.

Ангелков е решен до крајот на април да произведе 20 респираторни машини. На проектот работи во консултација со доктори. Пред да влезе во употреба, неговиот изум ќе треба да помине строги тестови за протокот на воздух, паузите помеѓу дишењето и низа други елементи, по што следува евентуално одобрување, сертифицирање од здравствените власти.
„Моето решение се заснова на пневматска комора под притисок, внатре во таа комора стои амбу маската која ги има сите стандарди за заштита на пациентот, медицинска пластика, така што надворешниот дел нема да има механички уреди и нема да има мотори кои ќе прегреваат, застануваат и откажуваат. Ова е апел до сите анестиолози, доктори, ентузијасти, луѓе што се бават со медицина да се обединиме и ова решение да го кренеме на повисоко ниво и да ја произведеме таа респираторна машина“,
порачува Ангелков.
Друго надежно решение, прифатено од Фондот за иновации, е на струмичката компанија „Мед – Реп“. Тие развиваат платформа за бесконтактна комуникација меѓу лекарите и пациентите, наместо класичната во ординација. Платформата ќе овозможи електронско пишување рецепти, што пациентот ќе ги добива во форма на код на неговиот телефон. Аптеката која претходно е регистирана на платформата, ќе може да го препознае кодот и да го испорача лекот.

„Здравствениот работник бесплатно се логира и пријавува на страната, после контролата од наша страна од администратор, а администраторот ги добива податоците за пријавениот здравствен работник“,
објаснува Владимир Бајрактаров.

Со ваквиот систем на функционирање, вели Бајрактаров, го исполнуваат и условот на Фондот за иновации – предложените проекти кои би послужиле за време на кризата со ковид-19, да имаат примена и кога состојбата ќе се нормализира. Неговите проценки се дека 7 000 – 10 000 здравствени работници активно би го користеле изумот на неговата компанија.
„Ова ќе поставиме нов, помоќен сервер да може да ги издржи првичните удари, односно големиот проток на информации и здравствени работници кои ќе бидат онлајн“,
смета тој.
Неизлегувањето надвор, но на сосема друг начин, го охрабрува и апликацијата „Предизвикувач – седи дома“. Програмата за мобилен телефон го мери секој час поминат дома, а за возврат корисниците добиваат поени кои може да се заменат со кодови за попуст во онлајн продавниците регистрирани на платформата.

„Ние креираме заедница која ќе си помогне едни со други. Луѓето кои седат дома да искористуваат попусти, а бизнисите да имаат дополнителни приходи. Целта е да го намалиме движењето на луѓето. Односно да стимулираме одредено влијание кај нив, помалку да се движат а со тоа да бидат наградувани“,
вели Олга Рајчиќ.
За да работи, апликацијата бара и-мејл адреса, возраст и вклучена ГПС-локација на телефонот. Ја прашавме Рајчиќ, дали е гарантирана безбедноста на податоците на корисниците и што ако некој се обиде да го „мами“ системот?
„Не земаме никакви лични податоци, освен тоа дека мора да биде вклучен ГПС локаторот, што го користат многу апликации. Самите оперативни системи на некој начин не лимитираат колку ние можеме да дојдеме до нивната ГПС локација. Многу важно е да се напомене дека ние не можеме да видиме кој каде престојува. Постојат т.н. системи каде кога ќе имаме драстична промена на вашата локација која што сте ја избрале, самиот систем – ни праќа грешка во системот. Така ни вика корисникот е на тотално различно место проверете што се случува. Во тој случај нема да бидат доделени поените“,
вели Рајчиќ.
Откако ќе заврши кризата со ковид-19, тимот ќе ја употребува апликацијата за нејзината првично замислена намена – мотивација за пешачење и возење велосипед во борба против загадувањето.
Овие три решенија се дел од вкупно 16-те кои Фондот за иновации и развој ги одбра како најкреативни на повикот. Кај останатите има алатки за поттикнување на читањето кај децата, за борба против лажните вести, за дигитализација во работењето на малите и средните претпријатија, платформа за размена на работна сила помеѓу луѓе кои ја загубиле работата и компании на кои итно им требаат работници.

„Во поголем дел од апликациите се гледа намерата на самите апликанти да дадат придонес, никој не го гледа ова како можност за заработка, затоа што е ситуацијата таква каква што е – кризна. Она што е важно, никаде не забележавме со самите буџети намера на кој било поединец да заработи од оваа работа што е важно. Сите овие решенија ќе бидат бесплатно достапни за сите наши граѓани“,
порачува Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и развој.
Најголемата државна помош што може да ја добие кој било од избраните апликанти е 10 000 евра. Добитниците ги потпишаа договорите денеска, а нивните решенија веќе треба да станат дел од секојдневието кон крајот на месецот – период кога се очекува врвот на новозаболени од ковид-19.