Српскиот претседател, пак, на Инстаграм објави фотографија како си игра со две кучиња под која напиша: „Се подготвуваме за борба против Анонимусите“
Хакерската група Анонимуси преку Твитер му испрати порака на српскиот претседател Александар Вучиќ да ги прекине „опасните игри“ на Косово обвинувајќи го дека се обидува да го дестабилизира регионот.
Видеопораката е објавена на Твитер-налог со името „Анонимус ТВ“.
„Српскиот автократски претседател, кој е марионета на Владимир Путин, се обидува да го дестабилизира регионот користејќи ги механизмите на насилство и терор на воениот злосторник Слободан Милошевиќ. Но, овие потези се самоубиствени за него. Во екот на војната во Украина, Србија е единствената земја која официјално прогласи сојузништво со Русија отфрлајќи ги постојаните повици од Западот да се приклучи на санкциите од ЕУ“,
гласи дел од пораката.
NEW: Anonymous – Message to Serbian President
— Anonymous TV 🇺🇦 (@YourAnonTV) December 29, 2022
“#Anonymous is not a small group of powerless people to ignore, we are an organised , globally active, collective of like-minded individuals and our message will be clear, if you don’t stop your dangerous actions in #Kosovo.” pic.twitter.com/dNOqfmhIdn
Анонимуси го обвинуваат Вучиќ и дека ја уништува регионалната стабилност заканувајќи му се на територијалниот интегритет на Косово со тоа што претходно објави дека српските безбедносни сили се враќаат на косовска територија.
Според оваа група, власта на Вучиќ со тоа што охрабрува насилство, напади на новинари, на полицијата, косовските институции и оние со меѓународен мандат, како и со поставување на барикадите од инкриминирани структури на северот на Косово го држи и Косово и регионот како заложници на реторики од минатото.
Анонимусите додаваат и дека нема да останат рамнодушни и нивната реакција ќе биде „одлучна“.
„Ние не сме мала и немоќна група која треба да се игнорира, ние сме организиран, глобално активен колектив од поединци кои размислуваат исто. Нашата порака ќе биде јасна ако не ги запреш опасните акции во Косово. Луѓето во Косово не се без поддршка. Ние сме Анонимуси. Ние сме легија. Ние не простуваме. Ние не забораваме. Очекувај нè“,
му порачуваат Анонимуси на Вучиќ.
Српскиот претседател, пак, на Инстаграм објави фотографија како си игра со две кучиња под која напиша: „Се подготвуваме за борба против Анонимусите“.