Од МРТ вчера најавија дека поради негативниот имиџ во јавноста на проектот Евровизија, што предизвикува негативен публицитет на јавниот сервис, уредничкиот колегиум ја разгледува можноста од следната година Македонската радио-телевизија веќе да не учествува на Евровизија
Македонската претставничка Андреа Коевска со песната „Circles“ не влезе во финалето на Евровизија.
Таа настапи вечерва во второто полуфинале од изборот за песна на Евровизија, а од вкупно 18 земји кои настапија, 10 изборија место во финалето што ќе се одржи во сабота на 14 мај.
Андреа можеби е и наша последна претставничка на овој музички натпревар со оглед дека Македонската радио-телевизија (МРТ) најави дека ќе ја разгледа можноста за повлекување. Ваквата најава МРТ ја соопшти со одлуката да не ја повлекува Андреа од Евровизија по инцидентот со фрлањето на македонско знаме.
„Поради негативниот имиџ во јавноста на проектот Евровизија, што предизвикува негативен публицитет на МРТ, Уредничкиот колегиум на МРТ ја разгледува можноста од следната година Македонската радио-телевизија веќе да не учествува на Изборот за песна на Евровизија“,
соопштија вчера од МРТ.