По истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), кое покажа дека општините во Полошкиот регион во просек собираат речиси двојно помалку средства од данок на имот споредено со оние од Вардарскиот, градоначалникот на Гостивар вели дека отсуството на голем број граѓани од државата „си го зема данокот“
Ако општините се отчетни и транспарентни за тоа како и зошто ги трошат своите пари, мислам дека граѓаните повеќе ќе го плаќаат овој данок, вели Герман Филков од ЦГК
Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации покажа дека убедливо најмал процент на наплата на данок на имот имаат општините во Полошкиот регион. Тој е речиси двојно помал од процентот на наплата на овој данок во Вардарскиот регион.

Во 2017, 2018 и 2019 година, Општина Гостивар, која има околу 82 000 жители според последниот попис, во просек собрала едвај 40% од данокот на имот.
Градоначалникот го правда нискиот процент на наплата со недостатокот на кампања за информирање на граѓаните.

„Втора главна причина е што многу луѓе кои поседуваат имот во општина Гостивар, која официјално има 82 000 жители, но овде, за жал, не живеат можеби 40 000 – 50 000 жители. Значи, повеќето од граѓаните се во странство и нивното доаѓање во државата е еднаш или два пати годишно за кратко време и, за жал, покрај работите што треба да ги платат, како што се електрична енергија или телефон што ги исклучуват приватни компании, плаќања што треба да ги направат за водоснабдување, чистење ѓубре, плаќањето данок, за жал, го избегнуват, и ние планираме, барем да помине пандемијата, полека да почнеме со кампања за подигнување на нивната свесност и мотивација да ја плаќаат оваа давачка“,
вели Таравари
Ако Гостивар се спореди со општина Сарај, се гледа дека Сарај е поефикасна во собирањето данок на имот, при што најголемата разлика е забележана во 2019 година.

Според Џeвит Демири, раководител на одделот за даноци и такси во Општина Сарај, ова е резултат на свеста на граѓаните, но и на тоа што во последните години во оваа општина се отворија повеќе нови бизниси.

„Главните фактори што влијаеја на ова зголемување, што е убаво и ние сме задоволни од овој факт, е свеста на граѓаните, бидејќи секој граѓанин има законска обврска да плаќа данок на имот и причината е дека доколку тие плаќања не се направат, не се извршува оваа обврска кон институциите, конкретно кон нас како општина, во овој случај за данок на имот, тие се свесни дека ќе се соочат со извршители, камати и така натаму. Исто така, важен фактор е зголемувањето на бројот на деловни активности во нашата општина кои спаѓаат во најголемите придонесувачи што во последниве години се зголеми и плаќањето даноци“,
вели Демири.
Споредивме уште по една општина од Полошкиот и од Скопскиот регион – Тетово и Чаир.
Разликата меѓу овие две општини во 2017 и 2018 година не е толку голема, но станува значителна во 2019 година, кога општината Чаир собрала 91 отсто од данокот на имот додека општината Тетово истата година има стапка на наплата од само 50%.

„360 степени“ се обиде од општина Тетово да добие објаснување за причините за малата наплата на овој данок, но до затворањето на сторијата не добивме став.
Во Општина Чаир се задоволни од резултатот, особено во 2019 година.

„Зголемената свест на граѓаните за исполнување на нивните даночни обврски и самиот факт дека од овој данок зависат инвестициите што ќе се реализираат на територијата на општините – ова се главните причини зошто сметаме дека стигнало на ова ниво на процентуално зголемување плаќањето на данок на имот и треба да се напомене дека администрацијата на Град Скопје и администрацијата на Општина Чаир, во меѓусебната соработка, дадоа посебен акцент на ова прашање и преку примена на сите мерки, вклучувајќи и континуирано повици, постојан контакт со граѓаните, постигнат е задоволителен процент во плаќањето на данок на имот. Се надевам дека овој тренд ќе продолжи и во 2021 година“,
вели Ала.
Разликата меѓу Чаир и Сарај, од една страна, и Тетово и Гостивар, од друга, е и во тоа што системот го раководи и решенијата за данок на имот на ниво на главниот град ги издава градската, а не општинските администрации.

„Пак велам дека е добра соработка помеѓу градот и општините и системот што го поставуваме заеднички, кординирано, со цел да едно ја зголемиме приходната стапка на општините, меѓутоа и да се стекнеме со реален впечаток кој вид и какви недвижности се наоѓат во територијата на градот односно секоја општина поединечно“,
вели Шилегов.
Според член 26 од Законот за Град Скопје, 50% од акумулираната вредност од наплатата на данок на имот е за општините, а 50% за градот. Од општините Чаир и Сарај сметаат дека овој процент е низок и бараат поголема стапка, со образложение дека општините треба да бидат понезависни и поефикасни во спроведувањето на предвидените проекти.
Но, градоначалникот на Скопје мисли поинаку.
„Кога се материјалните средства во прашање, секогаш постои различен интерес. Меѓутоа, мора да резбераме дека системот на Град Скопје како институција, обврските што ги имаме тука е и Комунална хигиена, да не ја заборавиме, Водовод е тука, тоа е еден систем што е недозволиво да биде расцепканили да го сведеме на општински нивоа, затоа што е поскап, затоа што така нема да биде функционален, затоа што така нема да биде интегриран. Напротив, мислам дека процесите треба да одат токму во обратната насока, со цел да ги интегрираме што е можне повеќе институциите, нивните ингеренци и да можеме да креираме една заедничка градска политика“,
рече Шилегов.
Од Центарот за граѓански комуникации, организација што го спроведе истражувањето, сметаат дека има повеќе причини за малата наплата на данок на имот, но една од главните, според нив, е недоволната транспарентност и отчетност на некои општини кон граѓаните.

„Освен комуникација со граѓаните зошто се плаќа овој данок и зошто е битен, сметам дека општините треба да ја подобрат комуникацијата со граѓаните за своето работење. Како ги трошат своите пари, зошто ги трошат, за да ја зголемат довербата на граѓаните за општината, бидејќи ова е чисто локална давачка, државата како централна власт нема ништо со оваа давачка. Тука станува збор за доверба во општината и ако општината е отчетна и транспарента, мислам дека граѓаните повеќе ќе го плаќаат овој данок“,
вели Филков.
Освен општините од Полошкиот регион кои се неефикасни во наплатата на данок на имот, во последната петорка, покрај општината Арачиново, се и Маврово и Ростуше, Студеничани, Долнени и Центар Жупа.