Шведска останува активно вклучена во обидите за постигнување заедничка позиција на ЕУ за преговорите да почнат што е можно побрзо. Секако, за ова е потребна заедничка одлука на сите земји членки, но истовремено е важно и сите членки да се придржуваат до обврските преземени во договорите на ЕУ кои се однесуваат и на европските вредности, вели амбасадорката Кристин Бенгтсон во интервју за „360 степени“
360°: Амбасадорке, благодарам за ова интервју. Кога се прави интервју со амбасадор на земја членка на Европската Унија во овој период, неизбежно е прашањето за кредибилитетот на ЕУ во Северна Македонија и во регионот, а причината е блокадата на Северна Македонија и на Албанија на патот кон полноправно членство еден ден. Знаеме дека Шведска не е пречка, но, сепак, ова е одлука или не е одлука на Европската Унија во којашто Шведска членува?
Дозволете ми да почнам со она што веќе го знаете, а тоа е дека Шведска е силен поддржувач на ЕУ-процесот на Северна Македонија. Би сакале да видиме продолжување на напорите поврзани со ЕУ, како во земјава така и во регионот. Шведска останува активно вклучена во обидите за постигнување заедничка позиција на ЕУ за преговорите да почнат што е можно побрзо. Секако, за ова е потребна заедничка одлука на сите земји членки, но истовремено е важно и сите членки да се придржуваат до обврските преземени во договорите на ЕУ кои се однесуваат и на европските вредности. Северна Македонија презеде значајни реформи за доброто и на граѓаните и на земјата. И покрај блокадата што ја споменавте, силно ве охрабрувам да продолжите и да ја спроведувате реформската агенда и да ги имплементирате реформите, зашто тие се дел од вашите преговори со ЕУ.
360°: Кредибилитетот на ЕУ овие денови се анализира и низ една друга перспектива, а тоа е дистрибуцијата на вакцините и неможноста ЕУ, макар симболично, да испрати по неколку стотици дози вакцини во Северна Македонија и во другите земји од регионот. Што беше проблем да се издвојат макар симболични количини вакцини за овој дел од регионот?
Да почнам со поширокиот контекст. Би аргументирала дека во соочувањето со пандемијата, поддршката на ЕУ за земјава и за регионот беше многу силна. ЕУ заедно со европските инвестициски банки оддели 3,3 милијарди евра во донации и заеми за олеснување на ефектите од ковид-19 преку разни начини на поддршка. Од нив, 70 милиони евра се ставени на располагање за набавка на проверени и безбедни вакцини – мислам на вакцини одобрени од Европската агенција за лекови. Во овој контекст би сакала да ги потенцирам заклучоците на Европскиот совет од пред една и пол седмица кога се сретнаа шефовите на држави и влади на земјите на ЕУ и ја реафирмираа поддршката за трети земји и со тоа ја покажаа солидарноста. Беше потенцирана решеноста да се зајакне глобалниот одговор на пандемијата и беше изјавено дека: ‘Остануваме посветени на подобрување на пристапот до вакцини за приоритетните групи во нашето соседство и подалеку, базирано на заеднички принципи и поддршка на глобалниот пристап преку механизмот Ковакс’. Од перспектива на Шведска би дополнила дека ние ја удвоивме поддршката за механизмот Ковакс од 10 на 20 милиони евра и со тоа, се надеваме, дека ќе има снабдување за речиси 100 земји, вклучувајќи ја и Северна Македонија. Но, поддршката во услови на ковид-19 не е поврзана само со вакцини, туку и преку Шведската агенција за развој пренасочивме дел од поддршката за земјава за олеснување на ефектите од кризата.

360°: Зборувавте веќе делумно за реформите во одговорот на моето прво прашање. Ваши колеги амбасадори од други земји членки на ЕУ велат дека ништо не ја спречува Северна Македонија и покрај блокадата да продолжи да работи на промените, трансформацијата, реформите. Моето прашање е колку е тоа можно без позитивниот притисок што од искуство го носи пристапниот процес кон Европската Унија?
Би се согласила со моите колеги амбасадори дека ништо не ја запира Северна Македонија да продолжи со реформската агенда, дури и би рекла дека ништо не треба да ве запре – треба да продолжите со реформите зашто од тоа имаат полза земјата и граѓаните. Од тоа ќе имате полза кога ќе ги почнете преговорите за членство во ЕУ. Би ве охрабрила да продолжите со спроведување на реформите. Од шведска гледна точка би дополнила дека имаме развојна соработка со Северна Македонија, поточно ја именуваме како ‘Реформска соработка’ и тоа е наша поддршка на вашите реформски зафати. Ја имаме билатералната развојна соработка и обемот е речиси 6 милиони евра годишно со што Шведска е најголем билатерален донатор од земјите членки на ЕУ. Нашата поддршка се фокусира на три главни области: првата е поддршка на демократските институции, владеење на право, демократија, човекови права и родови прашања. Втората област е во делот на заштита на животната средина, климатските промени, нашата поддршка во борбата против загадувањето или преработувањето на отпадните води. Третата област е поддршката на економскиот развој. Ова е шведскиот придонес во подготовките на Северна Македонија за ЕУ. Станува збор за реформи, нивно имплементирање, а во делот на владеење на правото, како што реков, борбата против корупцијата и организираниот криминал. Но, сè е поврзано со вредности, за мене вредностите на Европа се многу важни, демократските и основните права, родовата еднаквост, а сето ова е споменато во, за мене една од најважните книги – ова е шведската верзија на Лисабонскиот договор. Ја читам од време на време, искрено ја читам често, многу ми се допаѓа воведот – тука ги имате основните вредности на ЕУ. Секогаш кога се приклучувате на еден клуб треба да ги почитувате правилата и стандардите. Го читам Договорот, тој е дел од мојата ЕУ, би го потенцирала членот 2 во кој се дефинираат европските вредности: ‘Унијата е втемелена на вредностите на почитување на човековото достоинство, слобода, демократија, еднаквост, владеење на право и почитување на човековите права, вклучувајќи ги и правата на личностите што им припаѓаат на малцинствата. Овие вредности се заеднички за земјите членки во општество во кое плурализмот, недискриминацијата, толеранцијата, правдата, солидарноста и еднаквоста меѓу мажите и жените натежнува’. Во овој контекст знам да дополнам дека историјата на нашиот континент знае да покаже што може да се случи кога сме замижале пред прекршувањето на демократските права и слободи. Затоа, Шведска никогаш нема да направи компромис за овие фундаментални вредности и демократски права. И ЕУ има важна улога во тоа, како и други европски земји.

360°: Денеска е Меѓународниот ден на жената, 8 Март, ден кога жените во Северна Македонија добиваат посебно внимание, добиваат барем еден цвет од своите сопрузи, синови, од работодавачите. Знам дека во Вашата земја има сосема поинаква традиција и култура на овој ден, но, исто така, Вие веќе ја споменавте родовата еднаквост, Шведска е земја шампион во делот на родовата еднаквост. Од Ваша перспектива, како стојат работите со родовата еднаквост овде во оваа земја?
Сосема сте во право – родовата еднаквост е високо на листата шведски приоритети. Дознав за овдешната традиција да подарувате цвеќе за 8 Март. За мене овој ден не е за давањето или примањето цвеќе – родовата еднаквост е нешто што го правите секој ден. За мене, родовата еднаквост е споделена одговорност, на пример, во извршувањето задачи во домот, во грижата за децата, во грижата за старите лица или роднините во вашето семејство, би можело да биде и споделено породилно отсуство… Зборувајќи пошироко од домот, би рекла дека родовата еднаквост е и за структурата за носење одлуки при што не станува збор само за тоа жените да имаат функции, туку и да учествуваат во процесот на носење одлуки и во структурите каде се носат одлуките. Како жени, таму би требало да бидеме. Исто така, важна е и улогата на мажите за да им дадат моќ на жените, за мене тоа е родова еднаквост. Прашавте за ситуацијата во Северна Македонија. Овде сум околу една и пол година и веројатно вие знаете повеќе од мене, но забележав некои работи при патувањата низ земјава и гледам разлика меѓу градовите и внатрешноста, гледам разлики меѓу различни семејства кои би можеле да бидат поради историски или културолошки причини. Исто така, има разлики меѓу оние со помодерен животен стил и оние што повеќе се наклонети на семејните традиции. Но, забележав и дека има важни законски измени во последниот период, како законот за антидискриминација, насилството врз жени и Истанбулската конвенција, како и плановите за резолуцијата на Советот за безбедност на ОН 1325, во врска со Агендата „Жени, мир, безбедност“. Сево ова се важни чекори напред за Северна Македонија на патот кон прифаќање на родовата еднаквост во сите сектори, почнувајќи од домот, до процесите на носење одлуки во земјата.
360°: Ви благодарам.
Бидејќи денеска е 8 Март, а не сум сигурна дали на вашата сопруга ѝ подаривте цвеќе, оваа година можеби би можеле да ѝ подарите нешто друго.
360°: Јас останав доследен на традиција, дадов и цвеќе. Инаку можам да Ви кажам дека знам да измијам садови и да исчистам со правосмукалка. Благодарам за ова интервју.
Благодарам.