Кандидатот за градоначалник на Општина Пласница од ДУИ, Алија Јахоски, прогласи победа и пред изборниот штаб на партијата им се заблагодари на сограѓаните што масовно излегле на гласање и покрај епидемијата.
„Гласот му го дадоа на вистинскиот човек. Функцијата ќе ја извршувам чесно и ќе продолжам каде што застана претходниот градоначалник, ќе продолжам да ги реализирам започнатите проекти за овие 10 месеци. Им благодарам на сите што гласаа, но и на тие што не гласаа, јас ќе бидам градоначалник на сите, ќе работам 24 часа во Општина Пласница. Иако овде е доста направено, ќе продолжам општината да ја правам поубаво место за живеење на сите граѓани“,
рече Јахоски.
Тој додаде дека приоритет во неговиот мандат ќе биде подобрувањето на инфраструктурата и вработувањето, со цел да се спречи иселувањето од општината.
Јахоски беше придружуван од министерот за економија и негов сопартиец, Крешник Бектеши. Бектеши рече дека над 85 отсто од гласовите завршиле на контото на нивниот кандидат.
„Ова покажува дека ДУИ е најорганизирана партија во Северна Македонија, но ова е и знак за локалните избори кои ќе се случат следната година дека ДУИ ќе победи во сите општини, почнувајќи од Општина Струга, па до Липково“,
рече Бектеши.
И покрај победничката атмосфера на членовите и симпатизерите на ДУИ во Пласница, прослава вечерва нема да има бидејќи неодамна починал таткото на градоначалникот Јахоски.
Алија Јахоски е брат на претходниот градоначалник, Исмаил Јахоски, кој беше градоначалник со најмногу добиени мандати. Тој ја напушти функцијата откако беше избран за пратеник во Собранието на последните парламентарни избори што се одржаа во јули годинава.