Трката за Кичево доби дополнителен етнички предзнак, откако Билал Касами од ВЛЕН првично најави поддршка за Фатмир Дехари од НАИ по етничка линија, на што премиерот и претседател од ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски возврати дека секоја акција има и реакција
Тензијата меѓу коалициските партнери во меѓувреме се смири, но остана дилемата каде ќе се прелеат гласовите од кандидатите кои отпаднаа од изборната трка?
Последни денови од кампањата и уште на самиот влез во градот видливо е дека се ближи денот на одлука. На главната улица што води кон плоштадот во Кичево, надвиснати лебдат ликовите на кандидатите за градоначалник со нивните пораки.
А за кичевци ништо ново, бидејќи истите имиња се најдоа на гласачкото ливче и пред четири години – Александар Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ и Фатмир Дехари од ДУИ, односно Националната алијанса за интеграција.
Оттогаш досега, проблемите си останаа, велат дел од граѓаните со кои разговаравме.
„Нема болница. За малку нешто одиш Битола, Охрид или Скопје. Оставена е одамна, 40 години се прави“
„Голем товар сега е да извадиш изводи и пасоши, најтешко ни е… Треба промена. Дванаесет години едни исти луѓе, многу тешко е, се учат на корупција“
„Од клучните проблеми, не само кај мостот депонијата. Неразвиена инфраструктура и меѓусебно неслагање, што е голем хендикеп за македонскиов народ“
„Не ме интересираат мене избори. Јас живеам во Швајцарија, не живеам во Кичево“
„Право да ти кажам, јас сум многу малку тука. Случајно сум дојден. -А каде живеете, надвор од Македонија? – Да, во странство.– Ќе гласате?- Ако е потребно.
„На кичевчани поштен човек им е потребен“
„Основни работи – чистотата и со кучињата скитници, најверојатно ете тоа е. Има и поситни други работи, нешто покрупно нема. –Важно е дали ќе биде Македонец или Албанец тој што ќе ги решава локалните пробелми? -Па сега, не е битно дали ќе е Македонец или Албанец, битно е да биде квалитетен, добар градоначалник, да се грижи за градот, да биде добар градоначалник. Тоа е битно, па сега кој ќе биде не е битно. Ако ме прашате мене, јас би сакал да е Турчин, јас сум Турчин по националност, ама не е битно. Не е битно дали е Турчин, Македонец или Албанец, важно да е човек кој ќе се грижи за интересите на граѓаните на Кичево“
Но, локалните проблеми на жителите како да паднаа во втор план. Трката за Кичево доби етнички предзнак, откако Билал Касами од ВЛЕН првично најави поддршка за Фатмир Дехари од НАИ по етничка линија, на што премиерот и претседател од ВМРО-ДПМНЕ возврати дека секоја акција има и реакција. Тензијата меѓу коалициските партнери во меѓувреме се смири.
А во Кичево, фактите се следни:
Јовановски, во првиот круг од изборите, освои убедливо најмногу гласови – 11 682. Со околу 6 илјади гласа помалку зад него се најде Фатмир Дехари од НАИ со 5 586. Кандидатот на ВЛЕН, Фатмир Лимани, доби 4 164, а независниот Шкодран Алили заврши со 4 006.
Па клучното прашање е каде ќе се прелеат гласовите од кандидатите кои отпаднаа од изборната трка?
Одговор се обидовме да добиеме од сите четворица кандидати. Прво, од оние што не влегоа во вториот круг – Лимани и Алили, со прашање дали ќе ги повикаат своите гласачи да поддржат еден од двајцата финалисти?
Штабот на Шкодран Алили во центарот на Кичево веќе беше затворен, па се обидовме да го добиеме телефонски и преку адвокатската канцеларија каде работи. Одговор не добивме. Во јавните објави на Фејсбук, тој порача дека борбата не била против никого, туку за промена, за идеја и обединетост.
„Идејата беше поддржана од граѓаните и доказ за тоа се 8 000 гласа против 5 600 гласа „за“ НАИ. За жал, гласовите за промена се поделија, кандидатот на НАИ ја доби можноста да помине“,
објави Шкодран Алили.
Го контактиравме и министерот за социјална политика Фатмир Лимани кој беше кандидат на ВЛЕН. Тој порача дека не е во земјава, па не упати одговорот да го бараме во неговото обраќање пред членовите на изборниот штаб.
А во тоа обраќање, Лимани кажа дека не може да го подржи Фатмир Дехари.
„Tешко ми е да повикам да се гласа за него, секогаш имајќи ги предвид сите тие настани кои неодамна се појавија преку различни видео и аудио снимки. Јас ќе повикам да се гласа за најдобриот, верувајќи дека овој пат граѓаните во целина ќе знаат да гласаат со премерување на се“
рече Лимани.
Што очекува од вториот круг на изборите, се обидовме да го прашавме и актуелниот градоначалник на Кичево, Фатмир Дехари. Не одговори на нашите пораки, ниту на телефонските повици. Не го најдовме ниту во општината, во работно време, од каде ни рекоа дека во моментот не е таму поради обврски.
Иако брзо воспоставивме комуникација, не одеше лесно договарањето и со кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јовановски. Па го искористивме неговото присуство на партиски настан, заедно со премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
„Што очекувате за Кичево? -Па победа, се знае. Зарем друго може да очекуваме? –Со гласовите од сите, иако немате поддршка од ВЛЕН, тие не повикаа официјално да се гласа за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ? – Да почекаме, да почекаме“,
кажа Мицкоски.
И Јовановски е уверен во победа на изборите. Оценува дека партиските калкулации и коалиции не се пресудни за гласачите. Туку соживотот и заедничките вредности.
„Јас иако сум кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, се потрудив и ги посетив сите политички партии, бидејќи со мојата долгогодишна кариера како матичен доктор многу ме познаваат луѓето, знаат на кој начин функционирам. Ги посетив сите политички партии буквално, секаде бев пречекан како свој, од сите добив поддршка буквално. Ги посетив исто така и Исламската верска заедница, ги посетив партиите на Турците, ги посетив партиите на Ромите, секаде бев убаво примен, имав голема комуникација со дел од албанските политички партии, неофицијална,“
вели Јовановски.
На прашање дали очекува поддршка и од гласачите на ВЛЕН, иако тие директно не повикаа да се гласа за него, вели:
„Апсолутно, апсолутно. Без разлика, тоа е веројатно некаква нивна политичка агенда во рамки на државно ниво, меѓутоа тука во Кичево ние како сограѓани реално живееме заедно, се почитуваме, се сакаме, така што повеќе очекувам поддршка како од еден, како граѓански аспект, отколку како ВЛЕН да кажеме или не знам која друга политичка партија од албанскиот блок“,
додава Јовановски.
Ако се погледнат гласовите за советничките листи, точно е дека Јовановски добил повеќе гласови отколку што доби листата на неговата партија ВМРО-ДПМНЕ.
Тие освоија 8 500 гласови. Националната алијанса за интеграција имаше 5 761, ВЛЕН 4 101, Независните предводени од Кујтим Касами освоија 2 866 гласа, СДСМ 1 691, Левица 789, ЗНАМ 437, Демократска партија на Турците 416, Искуство за успех 354, ТМРО 111 и Суверенисти 23 гласа.
Но, ако се соберат бројките од, условно кажано, македонските партии, тој речиси се совпаѓа со бројот на гласови што ги освои Јовановски.
Сепак, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ смета дека сликата е повеќеслојна.
Јовановски: Тука се гласовите, да кажеме, на СДСМ, на Левица, на ЗНАМ, на Социјалистичка партија, на турските партии, на ромските, на дел од Албанците. Значи тука ја, веќе реално се согледува поддршката, бидејќи тие сите си имаат свои листи, си ги гласаа листите, но за кандидат за градоначалник се одлучија да ме поддржат мене.
360 степени: На претходните избори во 2021-ва година кога изгубивте од Дехари, споменавте дека ви е жал што немате авион или автобуси. Очекувате ли дека повторно можеби ќе доаѓаат масовно гласачи од дијаспората?
Јовановски: Јас многу сакам да ни доаѓаат иселениците, бидејќи реално градот живнува. Тие тука оставаат средства, градат, ствараат, значи нашиот град буквално добива една финансиска инекција, но не само финансиската инекција, туку што и самиот град живнува, се раздвижуваме, се дружиме, живееме. Така да, секогаш ми се добредојдени и сакам да доаѓаат, меѓутоа не би сакал да бидат злоупотребувани во политички цели. Јас не можам да разберам како би отишол сега јас во, да кажам, во Базел да гласам таму за градоначалник кога не ми се познати условите. Да кажеме, нашиве деца во моментов без разлика на националност го дишат тој отровен воздух од депонијата, а нашите сограѓани доаѓаат реално една недела или две и после тоа си заминуваат, така да мислам дека не е логично да ни одберат градоначалник. Па било кој и да е тој, дали би бил Александар, Фатмир, Башким или Јонуз, како и да е, не е ни важно веќе.
360 степени: Но сепак, очигледно е важно за Кичево каде се уште не се надминати во целост етничките прашања, ако да речам, ние се уште се фокусираме на тоа дали ќе се гласа за Македонец или за Албанец.
Да, за жал, јас како личен пример животен, да речеме јас сум женет со Албанка од Кичево и сум покажал една успешна приказна, не на соживот, туку на живот. Ние имаме три дечиња и функционираме беспрекорно, така да се обидувам таа слика да ја пресликам и на сите националности во градов, да конечно да се ослободиме од тие национални или верски стеги, да продолжиме еден нормален граѓански живот и секој да си функционира онака како што мисли дека за него е најдобро.
А пораките за соживот и обединување зачестија и на партиските митинзи. (Мицкоски Кичево) Наспроти “отровните стрели“ кои си ги разменија коалициските партнери изминатата недела, во деновиве пред избори од ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН велат дека си подале рака. Или дека можеби не биле добро разбрани.
А како ги разбрале кичевци и што ќе биде пресудно при изборот на градоначалник за нив, ќе дознаеме в недела.