Само во неколку градинки и основни училишта во земјата може да се најдат примери каде што Македонци и Албанци учат заедно.
Како последица, од најмали, Македонците и Албанците најчесто растат едни покрај други, а не и едни со други.
Но, на Филолошкиот факултет има мали острови што му пркосат на воспоставеното табу.

„Јас од претходно започнав да учам албански јазик. Имам положено курс по албански јазик, многу ми се допадна јазикот и размислив зошто да не продолжам и на факултет“,
вели Моника Кирковска, студентка на Катедрата за превод и толкување.

„Ми беше многу тешко, затоа што знаев дека е на повисоко ниво од тоа што јас го научив. Знаев да зборувам албански јазик, но имав мал проблем со граматиката“,
вели Ангела Костовска, студентка на Катедрата за превод и толкување.
Моника и Ангела се студентки од трета година на Катедрата за преведување и толкување на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.

„Групата за превод и толкување кога се отвори беше многу интересна за студентите и имаше голем број на запишани. Јас се сеќавам кога почнавме со таа група, на којашто исто така јас предавав, имаше да не ве излажам можеби по 40 студенти со мајчин албански, 40 со мајчин македонски“,
вели Искра Пановска-Димкова, раководител на Катедрата за македонски јазик.

„Интересот, како што реков, беше исклучително голем, затоа што оние што завршиле превод, завршија преведувачка група, најверојатно, имаа подобри можности да најдат работа во различни институции“,
вели Исмет Османи, раководител на Катедрата за албански јазик.
Младите луѓе што доаѓаат на катедрата јасно ја увиделе не само потребата, туку и можностите кои ги нуди високото ниво на познавање на јазикот на „другиот“. Кај Моника, изборот е дополнително мотивиран и од љубовта кон јазиците.
„Имам голема желба за јазици, многу ми се допаѓаат и знам дека во Македонија има голема потреба од албански јазик и многу малку Македонци го знаат овој јазик и помислив зошто да не продолжам да започнам и на факултет и потоа да напредувам“,
вели Кирковска.
За Ангела почетокот бил тежок, но со текот на времето и таа напредувала со албанскиот јазик. Сè уште има потешкотии при изговорот на некои зборови, но и тие се намалуваат со секоја лекција.
„Кога дојдов тука, немав со кого да зборувам затоа што сум на македонската група, се додека не се навикнав и започнав малку. Сега е многу подобро. Сега напредував многу и многу сум среќна што имав многу добри професори, што успеав да зборувам албански како што го зборувам сега. Досега немав потешки зборови, имам потешкотии кога има зборови кои имаат букви ‘R’ и ‘L’ – такви зборови, но сега верувам дека ги научив и тие“,
вели Костовска.

Интересот кај Македонци што сакаат да го изучуваат албанскиот јазик, во моментов, е концентриран на катедрата за превод. На Катедрата по албански јазик и книжевност сега речиси и да нема студенти Македонци.
„Сега немаме. Не само оваа година, туку и пред неколку години немавме македонски студенти кои го изучуваат албанскиот јазик, туку студенти кои студираа во групата за превод, да“,
вели Османи.
Во минатото, сепак, и на оваа катедра имало Македонци. Фросина Пандурска ја донела својата одлука во 2002 година и е среќна што избрала да студира на Катедрата за албански јазик и книжевност. Почетокот бил тежок, бидејќи претходно немала контакт со јазикот.

„Бидејќи немав богат вокабулар, научив многу материјали напамет, бидејќи не можев слободно да се изразам. Но, можам да кажам сега, после толку години, дека сум многу среќна како личност и мило ми е што имав многу помош не само од студенти и пријатели, туку и од професорите кои имаа многу трпение со мене. Бидејќи, нормално, ако немав збор во моментот да се изразам, го употребував македонскиот јазик“,
вели Фросина Пандурска, дипломиран професор по албански јазик.
Вложениот труд и љубовта на факултет, веќе и се вратиле на Фросина. Во моментов работи на прекуграничен проект со Албанија и Косово.
„Сега работам на прекугранични проекти за заштита на природата и имам многу колеги во оние проекти каде што соработуваме со организации од Косово, но и од Албанија токму за регионот на Шар Планина и планината Кораб во Албанија и за мене е многу лесно што зборувам албански јазик. Бидејќи кога имаме некој состанок, не мора да зборуваме на англиски јазик, го користиме албанскиот јазик и, како да кажам, тоа е начин за олеснување на комуникацијата што ми помага не само за работа, туку и за секојдневна комуникација“,
вели Пандурска.
Друг интересен „остров“ на Филолошкиот факултет е Катедрата за македонски јазик и книжевност. Таму, во последните уписи, има и години кога речиси половина од слушателите се Албанци.
„Искрено да ви кажам, голем интерес има кај албанските студенти за изучување македонски јазик и книжевност. Тие, претпоставам, дека го изучуваат македонскиот јазик со цел да бидат наставници во училиштата каде што се учи на албански јазик“,
вели Пановска-Димкова.
Анита Латифи вели дека одбрала да студира македонски јазик и литература, бидејќи во родниот град, со овој факултет, гледа предност за вработување, а македонскиот јазик вели дека го говорела и пред да се запише на факултет

„Јас одлучив да се запишам на македонски јазик зашто ми се допаѓа како јазик и видов дека имам предност за работа во мојот град, во Куманово, и нема многу Албанци што студираат македонски јазик“,
вели Анита Љатифи, студентка на Катедрата по македонски јазик и литература.
Уриме Билјали, студент во втора година на Катедрата за македонски јазик и литература, имала познавање на македонскиот јазик уште од основното училиште што и помогнало да нема многу потешкотии кога почнала со студиите.

„Имав познавање на овој јазик, се обидував да го научам од детството, не ми беше тешко зашто сум учела и во основно и во средно“,
вели Уриме Билјали, студентка на Катедрата по македонски јазик и литература.
Уримe вели дека по завршување на Факултетот за македонски јазик и литература, сака да се вработи како наставничка во основно или средно училиште.
“Се запишав на овој факултет, бидејќи видов дека има потреба за наставник на македонски јазик во мојот град и зошто да не станам способен учител за идните генерации“,
вели Биљали.
„Само сакам да кажам, не само како порака за Македонците кои учат или сакаат да учат албански јазик, туку и за Албанците. зборуваjќи од моето искуство, иако не го доминираат јазикот добро, тие не треба да се срамат, треба да го користат во секојдневниот живот на тој начин можат да научат и слободно да се изразуваат“,
вели Пандурска.