Се работи за големи и важни домашни проекти во речиси секоја област од општеството, чија цел е постигнување на европските стандарди дома
Премиерот Зоран Заев денеска на прес-конференција промовираше 10 приоритети на Владата за следната 2021 година, наречени „Акција 21“.

Тој рече дека се работи за големи и важни македонски, домашни проекти, чија цел е постигнување на европските стандарди дома.
„Сите заедно продолжуваме да ја правиме С Македонија европска, подготвени во секое време да ги почнеме преговорите за членство“,
рече Заев најавувајќи го планот.

Ова се десетте приоритети:
1. Прочистување на правосудството

Премиерот Заев најави дека моделот за прочистување или филтрација е во завршна фаза и ќе опфато ревизија на цели досиеја, секој судија ќе биде оценуван,според листа на критериуми кои ќе се прегледуваат за сите судии: како воделе постапка, како изведувале докази, како се сослушувани сведоци и особено во врска со одредени постапувања по предмети кои беа доведени до застареност со одлагање.
Сите тие работи ќе ги поминува Судскиот совет или Советот на јавните обвинители и сето тоа во утврдена временска рамка и транспарентност.
Исто така, Владата ќе иницира законски измени врз основа на кои Јавното обвинителство ќе мора редовно и постојано да ја информира јавноста за својата работа и за напредокот во предметите кои ги следат граѓаните и за коишто постои посебен јавен интерес, како што се криминал и корупција. Во оваа активност е вклучена и проверка на имотната состојба на судиите и обвинителите од страна на Државната комисија за спречување на корупција.
Паралелно на овој процес, на почетокот на наредната година, најдоцна на пролет, се очекува да започне и ЕУ мониторингот на судските случаи од висок профил, околу 50 предмети годишно, во кој ќе учествуваат стручни лица од странство и домашните експерти ангажирани од ЕУ и ОБСЕ.
2. Борба против корупција (зголемување на транспарентноста и отчетноста на локалната власт)

Ова опфаќа воспоставување јасни механизми за интензивна соработка меѓу сите надлежни чинители, преку силна политичка волја и преку мотивација на секој граѓанин, на сите нас, да се ангажираме во искоренувањето на оваа девијантна појава, којашто го враќа општеството назад.
„Врз основа на прекршените одредби на Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата и функционерите именувани од Владата, беа разрешени неколку директори на владини агенции и јавни претпријатија и цел состав на една комисија“,
рече Заев.
Најави дека од општините ќе се бара да ја зголемат транспарентноста, односно финансиските трансакции за програмите преку кои Владата исплаќа средства на општините, капиталните инвестиции, инвестициите со поддршка на Светска Банка, проектите од средствата од ТАВ, ќе бидат условени со видливо зголемена отчетност на општините.
3. Заштита на природата

За 2021 година во Програмата за намалување на аерозагадувањето Заев најави 100 милиони денари за објекти за општините за замена на нееколошки системи за греење, зголемување на енергетската ефикасност, обновување на урбаното зеленило. Во 2021 година ќе продолжи инвестирањето во замената на нееколошките системи за греење и до 2024 година ниту една државна институција нема да користи загадувачки енергенси. Идната година високо во приоритетите е да го зголемиме процентот на заштитени природни подрачја.
Оваа година започна постапката за прифатливост за прогласување на дел од Осоговските Планини за заштитено подрачје, како и постапката за прифатливост за прогласување на локалитетот Студенчишко Блато за парк на природа и на дел од Водно за заштитен предел, Шар Планина да се развива како национален парк и ќе се донесат планови за управување со националните паркови Пелистер, Галичица и Маврово, како и планови за управување со заштитените подрачја.
4. Мерки против ковид-19

Во однос на борбата со ковид-19, Заев ја најави набавката на вкцината, чија дистрибуција преку Ковакс системот се очекува на почетокот на следната година. Започнати се и преговори за директна набавка од компаниите кои ги произведуваат вакцините, , како и трет механизам преку Европската унија која е во постапка за набавка на 200 милиони вакцини за земјите членки и за уште дополнителни 100 милиони дози за земјите од Европа надвор од Унијата.
Заев најави дека ќе продолжи државната економска помош за сите кои се соочуваат со штети како резултат на пандемијата и апелирше граѓаните најдисциплинирано да се придржуваат до активните мерки, особено за време на празниците.
5. Канабис

Светските и европски стандарди Владата ќе ги носи и преку индустријата за одгледување канабис за медицински цели и за производство на продукти од оваа билка.
Рече дека досега се одобрени 59 лиценци за оваа дејност и Владата е во комуникација со претставниците на компаниите со цел оваа индустриска гранка да се развива согласно светските текови и европските регулативи. Во европските и светските пазари имаме стотици исклучително важни лекови кои се решение за здравјето на многу граѓани.
„Тоа отвора огромни потенцијали и пазари, верувам дека во таа насока Парламентот е подготвен да ги усвои предложените законски измени за кои што имавме одредено блокирање во изминатиот период. Со донесување на измени и дополнувања на Законот за опојни дроги ќе се овозможи извоз на цвет од канабис за медицински цели кои ќе поттикнат нови инвестиции, развој и нови работни места“,
рече Заев, додавајќи дека ако ова се направи до крајот на оваа година, следната година може да се очекуваат преку 250 милиони евра приоходи од производство на канабис за медицински цели.
6. Енергетика

Заев најави голем број инвестиции во енергетиката, следејќи ги трендовите и политиките на ЕУ во поглед на енергетската транзиција и целта до 2050 година европскиот континент да има нула емисии од секторот енергетика.
Тука ги најави проектот со кој термоелектраната Осломеј ќе се замени со фотонапонска електрана, АД ТЕЦ Неготино распиша оглас за изработка на Физибилити студија и во првата половина на 2021 ќе се оцени дали ќе се гради нова гасна електрана на истата локација по моделот на јавно приватно партнерство или ќе се продава АД ТЕЦ Неготино, грант средства за физибилити студии за три нови фотонапонски електрани со вкупен капацитет од 160 MW во РЕК Битола, како и реализацијата на нови ветерни паркови во Богданци, Св. Николе, Демир Капија и во Дебрца.
Од идната година и официјално започнува изградбата на гасоводот помеѓу Северна Македонија и Грција со кој ќе се обезбедат дополнителни количини на природен гас од други извори со конкурентна цена, со сигурност и безбедност во снабдувањето, во фаза на проектирање е гасоводна врска со Косово, а ќе започне и втората фаза од тендерската постапка за избор на приватен партнер за изградба на дистрибутивната мрежа на природен гас во сите општини.
7. Инфраструктура

Премиерот Заев истакна дека најголем дел од проектираните средства или 83 проценти од буџетот на Министерството за транспорт се наменети за капитални проекти во делот на гасификацијата, железничката и комуналната инфраструктура како и за изградба на социјални станови. Клучен капитален проект на кој ќе посветиме големо внимание е изградба на железницата на Коридор 8 во втората и третата фаза вредни 600 милиони евра.
8. Попис

9. Борба против дезинформациите

Владата ќе спроведе широки консултации со медиумските работници и граѓанскиот сектор во уште посериозна борба со дезинформациите, со говорот на омраза и другите облици на хибридни закани против демократијата, најави Заев.
Во однос на одбраната од сајбер нападите, рече дека е завршена процедурата за усогласување на Меморандум за соработка на нашето Министерство за одбрана со НАТО, на полето на сајбер одбраната и документот е подготвен за потпишување, што ќе овозможи координирана реакција на сојузниците во случај на сајбер напади.
Во однос на реформата во образованието, Заев најави дека медиумската писменост ќе стане дел од наставата со цел да им помогнеме на младите генерации да бидат најсилните отпорници на лажните вести.
10. Нови економски потенцијали

Како приоритет за 2021 година, Заев ги спомена постапките за измени или дополнувања на Законот за данок на имот, на законските можности за легализирање на автомобилите со странски таблички, како и за можностите за стимулирање и погодности за ставање во функција на кеш парите што се чуваат дома или на парите од заштеда или добивка.
Заев на крајот ја спомена и реформата во образованието, за која рече дека новите содржини не одат на сметка на постоечките, дека ќе продолжат да се учат сите досегашни предмети, како историја, географија, биологија, хемија, сѐ што е неопходно за нивните знаења. Најави дебата за предложените реформи и ќе се избере најдобриот модел, кој ќе може да се имплементира во нашата земја.
„Остануваме посветени на истиот стратешки колосек, нема отстапување од стратешките цели кои се поставени едногласно – негување на добрососедските односи, активно учество во НАТО и членство во ЕУ. Нема да има застој во внатрешните реформи. Ќе се посветиме на градењето европски стандарди“,
рече Заев.