Дебарското Езеро е слика и прилика на нефункционалниот систем за управување со отпад во Македонија. Дамката од пластични шишиња и друг отпад, која и денес плови на површината, беше најраспространета во 2016 година, кога овие фотографии ги преплавија социјалните мрежи.
Слично е и во Охрид. Таму поголеми бранови на кејот често исфрлат пластичен отпад што бил фрлен во езерото.

На хартија има систем за управување со пластичниот отпад, но дека тој не функционира потврдува и извештајот на Државниот завод за ревизија насловен „Ефикасно третирање и справување со пластичниот отпад“. Во него ревизорот не штедел критички оценки – нема селекција, односно граѓаните не го одвојуваат пластичниот од другиот отпад, надлежните не поставуваат доволно контејнери за таа намена, државата не издвојува доволно средства, нема доследна примена на начелото „загадувачот плаќа“, недостига надзор, а не се донесени ниту нови плански и програмски документи.

Во ревизорскиот извештај е посочен само еден светол пример – Општина Прилеп. Уште во 2009 година локалните власти поставиле мрежести контејнери за отпад што се рециклира – за пластика, хартија, стакло и за најлон, покрај вообичаените контејнерите за мешан отпад. По домаќинствата, пак, поделиле по еден дополнителен жолт контејнер, па прилепчани почнале од дома да го одвојуваат отпадот. Сега нивната општина е меѓу ретките во кои функционира селекција на отпадот на местото на неговото настанување, т.н. примарна селекција.
„360°: Како ги натеравте граѓаните да прават селекција?
Пред сѐ, со апел до граѓаните, имавме направено брошури, преку локалната телевизија, тогаш имаше локална телевизија. По основните училишта имаше за учениците апел како тоа треба да се прави, зошто тоа треба да се прави, за подобрување на животната средина, за подобрување на животниот стандард на нашите граѓани. Но, тоа е само почеток и сѐ уште мислам дека не е доволно“,
вели за „360 степени“ градоначалник на Општина Прилеп, Илија Јовановски.

Отпадот се собира со два камиона. Во еден се товари мешаниот, а во друг отпадот за рециклирање. Тој се носи во овој погон на комуналното претпријатие на чија постројка отпадот се балира.
„Селектираниот отпад уште еднаш се селектира, картонот и хартијата од една страна, стаклото на друга страна, најлонот на трета страна и пластиката на четврта страна. Тоа се балира, имаме две посебни мали преси. Минатата година набавивме една нова преса од 50 тони, автоматска, којашто ги балира сите овие примарни селекции на четирите компоненти што ги напоменав“,
објаснува прилепскиот градоначалник.
Балираната пластика се продава во фирми што ја откупува. Но, сега тоа оди тешко затоа што со корона-кризата побарувачката и цената се драстично паднати.
Откупената пластика од земјава најчесто се извезува во Романија, Бугарија, Турција и други земји. Според ревизорскиот извештај, пластиката се рециклира и во фирми во Македонија кои од неа прават гранулат кој потоа го продаваат. Но, во овој период побарувачката и цената на гранулатот се паднати, па најголем дел од фирмите за рециклирање се во тешка економска состојба. Според познавачите, ваквите ситуации на површина ги исфрлаат проблемите.
„Системот за управување со отпад не е поддржан во случај кога цената на суровините паѓа. Конкретно со пластиката, таа е берзански производ. Кога е висока цената, буквално сите се мобилизираат. Неформални собирачи, фирми за рециклирање, фирми за собирање и ја собираат. Но, кога ќе падне цената, како што е случајот оваа година и минативе години, тогаш треба да се јави механизам којшто е воспоставен од државата и од општините и ќе го субвенционира собирањето“,
вели Антонио Јовановски, претседател на здружение „Гоу грин“.
Сепак, Општина Прилеп не се откажува иако и за неа селектирањето и собирањето на отпадот е финансиски неисплатлив процес. Поголема вредност од парите, во случајот, им е екологијата.
На главниот и најбогат град, Скопје, не му оди како на Прилеп. Во „метрополата“ селектирањето на пластичниот отпад и натаму е сведено на проекти на невладини организации.
Оваа зграда во скопската населба Црниче е една од 46 во кои здружението „Гоу грин“ поставило канти за селекција на отпад. Едната е за пластика, другата за хартија. Претходно станарите три години безуспешно барале од јавните претпријатија да им овозможат да го селектираат отпадот и тој да заврши на вистинско место. Тоа им успеало откако се пријавиле на повикот на „Гоу грин“.
„Заедно со кантите добивме и упатство за тоа што се селектира и како треба да се изврши селектирањето. Навистина сѐ функционираше одлично. Соседите одлично ги селектираат пластиката и хартијата и завршуваат на вистинско место“,
вели Тони Костов, станар во зградата.

Од „Гоу грин“ сметаат дека селектирањето и рециклирањето не ѝ се приоритет на државата, со самото непоставување доволно контејнери според бројот на жители.
„Жителите, ако им се овозможат услови, значи, да им се постават канти за селекција блиску или до нивните домови или некако на ниво на населба или на ниво на општина, тие навистина ќе селектираат. Тоа ни се докажа и со нашата иницијатива ‘Селектирам’“,
објаснува Јовановски.

Но, сега нема кој да го собира селектираниот отпад, па станарите на сопствен трошок го носат во некоја од соседните населби во кои има такви контејнери.
Сепак, според Ревизија, најголемиот дел од селектираниот отпад не доаѓа од малкуте контејнери, туку од човечкиот труд.
Неформалните или индивидуални собирачи на пластика се поефикасни од државата, општините и невладините организации. Да е апсурдот поголем, никаде не се спомнати во законската регулатива.

На крајот од извештајот ревизорот дал 49 препораки, од кои повеќе од половина се однесуваат на Министерството за животна средина, меѓу кои:

„Тие препораки и во насока на новата легислатива која ние веќе ја подготвивме во смисла на хармонизирање на она што не беше дохармонизирано со европските регулативи во областа на управувањето со отпадот, бидејќи од поодамна ни се донесени овие закони, а како што знаете во Европската Унија постојано се донесува некоја нова регулатива, се пратат новите трендови, се поставуваат високи цели и многу построги критериуми“,
вели Ана Каранфиловска-Мазнева, раководител на Секторот за управување со отпад при МЖСПП.
Ако има закони, зошто Македонија со децении не може да воспостави квалитетен систем за управување со пластичен отпад? Од Министерството вина наоѓаат и кај државата и кај граѓаните.
„Првата работа е недостатокот на средства секогаш, затоа што воспоставувањето на еден добар систем за управување со отпад, како што го имаме предвидено во законите, бара средства. Значи купување контејнери, поставување на тие контејнери, обезбедување посебни возила за да го собира отпадот од секој посебен контејнер, едно возило за жолтиот контејнер каде што имате пластика и тетрапак, едно возило за хартијата, картонот, лименките и стаклото итн. Во таа смисла е проблем кај нас затоа што секогаш имаме недостаток на средства. Не дека не е воспоставен, но не е на целата територија и не е совршен тој систем, да речеме. Имаме обиди, но оди тешко. Првенствено од овие причини. И втората причина е ниската свест кај граѓаните. Едноставно немаме навики. Тоа е нешто на кое треба интензивно да се работи“,
вели Каранфиловска-Мазнева.

Во вака бавните процеси, секоја идеја значи многу.
Овие апарати кои се поставени на повеќе локации во скопската Општина Центар служат за рециклирање пластичен отпад. За центарци да ги користат треба да извадат т.н. „грин пеј“ картичка. Картичката ја приближувате до читачот, а потоа го внесувате пластичниот отпад или лименките. За возврат на картичката добивате парична субвенција и попусти во одредени маркети, кафулиња, ресторани, бутици… Проектот го реализира ЈП „Паркинзи на Општина Центар“.
„Дневното ниво на земање на овие ‘грин пеј’ картички се движи од 20 до 30 луѓе на дневно ниво кои се приклучуваат на оваа иницијатива. Во овој момент над илјада жители веќе имаат подигнато картички. Очекуваме дека таа бројка до крајот на годината да стигне до 15 илјади и дека ќе успееме да влеземе во секое семејство“,
вели Васко Кичевски, директор на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“.

Досега се поставени девет вакви апарати, а во набавка се уште 18.
Во хаотичната сфера на управување со пластичен отпад, во која, ете, ни фалат и камиони и контејнери и документи и свест, ваквите примери се надеж дека во Дебарското Езеро ќе има повеќе риби од фрлени пластични шишиња, а Охридското, вознемирено од некое невреме, нема да ни го исфрла срамот на површина.
