„Ревизија на заедничките достигнувања не ни е дозволена нам кои сме автори, потписници и спроведувачи на Охридскиот договор. Мора да предводиме со државничка одговорност, како државотворни партии, без краткорочни и опасни популистички и изборни калкулации“, порача лидерот на ДУИ во видеообраќањето по повод одбележување на 24-годишнината од потпишувањето на Охридскиот договор
Четврт векот од Охридскиот договор да нè најде исправени и горди како вчера, а омаловажени и потценети како денес – порача лидерот на опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, по повод одбележувањето на 24-годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор.

Во видеообраќањето објавено на својот фејсбук-профил, Ахмети вели дека придонесот на Албанците низ годините резултирал со добри меѓуетнички и меѓусоседски односи, зачленување на земјата во НАТО и отпочнување на преговорите за членство во Европската Унија. Додаде дека од сите достигнувања, направени заедно со ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и со меѓународните пријатели, никој не изгубил, а победила државата.
„Затоа, ревизија на заедничките достигнувања не ни е дозволена нам кои сме автори, потписници и спроведувачи на Охридскиот договор. Мора да предводиме со државничка одговорност, како државотворни партии, без краткорочни и опасни популистички и изборни калкулации. На оние кои ја учеа историјата од телевизиските екрани, кои немаат никаков придонес за националните достигнувања и процеси и кои никогаш не ја добија довербата на народот, туку беа избрани од други да им служат, им велам: Храброста после војна и мудроста по говорот не вредат“,
порача Ахмети и додаде:
„Се обединуваме, како никогаш порано, фаќајќи се за корените, а не за гранките, не како слуги и кираџии, туку горди и посветени да одговориме на гласното народно барање за национално достоинство, денес или никогаш!“