Државната комисија за спречување на корупцијата неодамна ја објави својата антикорупциска проверка на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Наодот кој предизвика најмногу коментари беше дека обврската на институциите да ја објавуваат „целокупната документација“ при јавни набавки е непрецизен, дека е ризик за различни толкување, но и дека можело да се објават деловно чувствителни информации
Директорката на Агенцијата за заштитата на правото за слободен пристап вели дека опфатот што го проблематизира ДКСК, во пракса функционира без пречки. Додава и дека има соодветни исклучоци и во Законот за слободен пристап и во Законот за јавни набавки, кои водат сметка да не се објавуваат доверливи или лични информации
Една од најмоќните алатки во рацете на новинарите, истражувачите и граѓанските организации за независна контрола над работењето на институциите е Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Тој овозможува секој граѓанин да има право да побара и да добие информација од државните институции, установи, претпријатија, општини, па и партии – за нивните приходи, расходи, плати, број на вработени и, меѓу другото, и за јавните набавки.
Целта, како што е наведено и во самиот закон, е да се обезбеди јавност и отвореност во работењето на имателите на информации.

Токму овој закон, минатата недела се најде како втора точка на дневен ред на седницата на Државната комисија за спречување корупција. Вршеле антикорупциска проверка и заклучиле дека во него има точки кои претставуват потенцијален ризик од корупција.
Членката на комисијата Софија Спасова-Медарска рече дека е проблематично што институциите треба да ја информираат јавноста со „целокупната документација“ за јавните набавки, концесиите и јавно-приватните партнерства.
„Таквата формулација поради својата неопределеност и опфатност, остава простор за различна примена и селективно постапување со што се создава регулаторен ризик од корупција, но и потенцијално преоптоварување на институциите со објавување на податоци кои веќе се доставуваат до надлежните органи, како што е Бирото за јавни набавки. Непрецизното уредување на транспарентноста може да доведе до објавување чувствители податоци, како што се деловно доверливи информации, податоци важни за конкуренцијата и лични податоци. Ваквото објавување може да предзивика неправедна економска предност за одредени субјекти или повреда на правата на трети лица, вклучително и правото на заштита на лични податоци“,
кажа Софија Спасова-Медарска, членка на ДКСК.
Токму оваа забелешка на Антикорупционерите е причина за остра реакција од Платформата за борба против корупцијата во која членуваат редица кредибилни невладини организации.

Данче Даниловска–Бајдевска од „Метаморфозис“, инаку самата експертка од областа на слободниот пристап до информации, оценува дека ДКСК со забелешките помага за уназадување на транспаретноста на институциите.
„За еден превентивен механизам како што е ДКСК да даде препорака за дорегулирање, додефинирање или преиспитување на терминот целокупна документација за пристапот до јавни набавки е апсурдно да се направи затоа што сметаме дека преку работата на граѓанските организации, истражувачкото новинарство, дел од судските случаи кои се водат за злоупотреба на државните ресурси се токму поради пристап до целокупна документација. Дури спречени се штетни набавки баш поради пристапот до документацијата која се однесува на јавните набавки. Би сакала да истакнам дека овој Закон во светот постои за да ги отвори темните ходници на управата на администрацијата. Да се објават информации поврзани со државните трошења“,
вели Данче Даниловска-Бајдевска, директорка на „Метаморфозис“ – дел од Платформата на граѓански организации за борба против корупција.

Даниловска-Бајдевска смета дека е симптоматичен и моментот во кој ДКСК излезе со забелешките. Веќе пет месеци, работна група подготвувала измени на законот.
„
додава Даниловска-Бајдевска.Итоа во унапредување и скратување на роковите за пристап до информации затоа што нашиот рок од моментален од 20 дена да добиете пристап до информација е најдолг во регионот. Дополнително групата работеше на прекршочните одредби за да се усогласи и утврдат прекршочни глоби за функционерите, за министри и директори, кои го ограничуваат пристапот или не овозможуваат извршување на решение од страна на второстепениот орган, Агенцијата и ова е уште еден момент што предизвика кај нас реакција, минимум што можеше ДКСК да направи е да се консултира со нас за да има независен и објективен извештај во однос на антикорупциската проверка на законот за слободен пристап“,
Критична кон загриженоста на ДКСК дека институциите можат да објават и премногу информации, е и надлежната државна институција за спроведување на Законот за пристап. Директорката на Агенцијата, Пламенка Бојчева, вели дека не може во закон да бидат опфатени сите информации што треба да се објават и декс нема потреба да се дообјаснува.
„Целокупната документација не збунува. Поготово не е збунувачки кога станува збор за невладини организации, граѓанскиот сектор, новинари, истражувачки новинари. Бидејќи тие ја знаат постапката за јавна набавка и точно знаат кои документи им се потребни и најчесто таксативни ги набројуваат кои документи ги бараат и коишто ја опфаќаат од одлуката за спроведување на јавна набавка до склучувањето на договорот и реализацијата на договорот по самата таа јавна набавка. Затоа сметам дека секое ограничување во овој дел би значело чекор назад. Од друга страна самиот Закон за јавна набавки во начелата, едно од основните начела на коишто се темели, е начелото на транспаретност. Вели дека постапките за јавни набавки се спроведуваат на транспарентен, отчетен одговорен начин“,
вели Пламенка Бојчева, директорка на Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Бојчева потсетува и дека заштита од објавување лични податоци е опфатено со други закони, а кога се во прашање класифицираните информации има јасни исклучоци во Законот за слободен пристап.
„Деловна тајна нашиот закон не препознава, исклучок од пристапот до информации од јавен карактер поради деловна тајна. Исто така и за класифицирани информации ние имаме востановена пракса. Треба имателот на инфорамции да докаже дека станува збор за класифицирана набавка, меѓутоа пак ќе наведам, сметам дека во постапките за јавни набавки нема класифицирани, бидејќи постои посебен закон за јавни набавки во делот на безбедноста и одбраната и тие се спроведуваат по тој закон“,
додава Бојчева.
Дополнителни објаснувања побаравме од Антикорупциската комисија. Во однос на нивната забелешка за терминот „целокупна документација“, велат дека нашле ризик за селективно постапување и различна интерпретација со таквата терминологија:
„За надминување на овој ризик, Државната комисија препорачува законодавецот прецизно да го дефинира поимот ‘целокупна документација за јавните набавки’. Во согласност со начелото на транспарентност уредено во член 6 став (2) од Законот за јавните набавки кој таксативно ги наведува видовите документи што се сметаат за информации од јавен карактер и тоа со објавување на планот за јавни набавки, огласите и известувањата од овој закон, тендерската документација и договорот за јавна набавка, како и нивните измени и дополнувања“,
потенцираат од ДКСК.

На јавните критики, пак, од Антикорупциската комисија велат – се што е нотирано е со цел да се подобри, а не да се намали слободниот пристап до информациите од јавен карактер.
„Оттука, препораките на Државната комисија во ниту еден случај не се во насока на намалување на транспарентноста на институциите во однос на постапките за јавните набавки. Напротив, истите имаат за цел да обезбедат прецизирање на законските одредби, намалување на ризиците од злоупотреба на дискреционо одлучување на имателите на информации при објавување на документацијата на веб страниците, поради постојните правни празнини и некохерентната законодавно правна техника во одредбите на законот“,
додаваат од ДКСК.
Измените на законот за слободен пристап до информации од јавен карактер се објавени на ЕНЕР. До 11 мај е отворена можноста за коментари и забелешки, кои потоа ќе треба да се разгледаат во рамки на работната група.