Секое попладне во работните денови од неделата, домот на семејството Филев во скопско Тафталиџе се претвора во училница. 12-годишната Ивона следи видео-предавање за седмо одделение, преку ЕДУИНО – државната онлајн платформа за образование, во време кога училиштата се затворени поради коронавирусот.
Поинтересно е во училница каде што има игра, има смеа и тука е интересно, ама не е толку. Нема некоја многу директна, комуникација со наставниците, комуницираме кога треба нешто да ни проверат, кога не ни е нешто јасно тука се да ни помогнат секогаш. Па некои сакаат преку вибер или скајп, а некои по мејл, има различни видови. Гледам да ги научам лекциите, па да ги одговарам прашањата, затоа што сепак тоа знаење треба да си го знам и понатака.
вели Ивона Филев, ученичка во ОУ „Јан Амос Коменски“

Нејзината сестра Јоана е второ одделение. Нејзината неделна наставна програма и домашните задачи се прикачени на веб-страницата на училиштето.
Нашето училиште Коменски веднаш на својата веб-страна изработи и постави насоки со неделни материјали за учење, кои редовно се надоградуваат од страна на наставниците и се голема помош и за учениците и за нас родителите, за да може да следиме што работат нашите деца.
вели Мирјана Филев, претседателка на Советот на родители
Класичната настава – наставник со цело одделение позади себе, е можеби поинтересна, поинтерактивна, позанимлива и децата може да издражат подолго време концентрација. Но, во вакви услови, можеме да кажеме дека материјалите се доволни, за вака скратено време да се изработи нешто е одлично.
додава Васко Филев , татко на двете ученички.

Директорката на училиштето на Ивона и Јоана, Маја Старова, вели дека принципот на онлајн работа го утврдил колегиумот. Како и децата, во процесот мора да учат и наставниците.
Нормално дека се јавуваат потешкотии и кај наставниците и родителите и учениците, но наставниците несебично работат овој период, со тоа што наставниците кои се поспремни во информатичката технологија помагаат на другите наставници и предлагаат нови алатки за да им се олесни работата.
вели Маја Старова, директорка на ОУ „Јан Амос Коменски“
Основната обука за компјутерски вештини за наставниците во „Коменски“ ја спровеле од општина Карпош, од каде и дојде иницијативата за интернет-настава.

На почетокот отпор од наставници не постоеше , постоеше кај некои од наставниците скепса дали е тоа возможно да се изведе. Гледаме да биде тоа двонасочна комуникација да не биде само лекција во ворд која учениците треба да ја читаат
изјави Стефан Богоев, градоначалник на о. Карпош
Огнен е второодделенец во друго училиште, „Јохан Хајнрих Песталоци“ во општината Центар. А друго училиште значи и дека на друг начин ги добива задачите за тоа што треба да учи и да сработи за домашно.
Учителката пратила кај мама, а јас препраќам кај мене. Ова се е за денеска. После пишувам, па ќе имама пауза па појадувам па пак решавам па одмор па пак ќе решавам и после сумслободен. И сликаме со мама и пражаме на вајбер на наставничката. Јас добивам петки.
раскажува Огнен Димитриевски, ученик во ОУ „Јохан Хајнрих Песталоци“

И кај Огнен наставата се одвива главно еднонасочно. Наставничката прави обиди да го собере целото одделение на заеднички час на видео-конференциска врска, но тоа носи разни предизвици.
Се вклучивме на едно, не знам како се вика, ама на тоа можело само десет луѓе да се вклучат. Е, сега ќе почнеме на едно што се вика Зум. Да, и на тоа ќе може повеќе, било колку да се вклучуваме.
додава Огнен.
Онлајн наставата, сепак, не беше планско, туку принудно решение. Па, успехот на методот во голем дел зависи и од родителите кои сега имаат втора улога – да бидат наставници.
Е предизвик, во смисла на тоа дека детето кога е во домашни услови, нема секој пат концентрација и сила сето тоа да го заврши на време. Среќа во несреќа е што тој е се уште млад и не е толку тежок и обемен материјалот.
вели мајката на Огнен, Нада Грујоска-Димитриевска.

Во други случаи, како на пример во селото Челопек во Брвеница, наставникот Јасин Река успева да држи часови и на видео-конференција. За предавањата на третоодделенците од училиштето „7 март“, тој ја користи апликацијата „Зум“.
Според владината уредба со законска сила, оставено е на секое училиште да го избере начинот на кој ќе врши онлајн настава. Но, во исто време, Министерството за образование се обидува да создаде унифицирана платформа за сите ученици. Се вика ЕДУИНО, и почна да работи пред неколку дена. Секој ден се објавуваат снимени видео-предавања за секое одделение, од прво до деветто, а предавачи се над 600 професори од земјава кои се пријавиле во Министерството. Александра Блажевска е една од нив.

За деветтоодделенците, преку Гугл драјв, ги поставуваме материјалите и насоките за учење, но сепак ќе кажам дека во моментов тоа е еднонасочна комуникација. Се обидуваме на различни начини да стапиме во контакт со учениците, преку Зум платформата на конференциска линија. Но морам да кажам дека не само за мене, за сите наставници ова е нов начин и пристап кон наставата, така што ние учиме многу во моментов.
вели Александра Блажевска, наставничка по хемија во ОУ „Ј.А. Коменски“
Но, интернет-училницата на Министерството не е опција во сите средини. Селото Батинци е блиску до Градот Скопје, но одделенскиот наставник Фатмир Мустафа од основното училиште „Алија Авдовиќ“ вели дека се далеку други нешта.
Комуникацијата ни е отежната посебно на нас наставниците кои работиме во подрачни училишта во селски средини каде што голем број од учениците немаат ИКТ опрема, немаат лаптоп или компјутер, единствено чаре што се вика ни е преку телефон, преку вајбер комуникација им даваме задачи, тоа што треба да го учат, но немаме директна комуникација како во некои градски средини
вели Фатмир Мустафа, одделенски наставник во ОУ „Алија Авдовиќ“

А ако кај учениците недостасува опрема, кај наставниците недостасува владеење на дигиталните технологии.
Тие што ни ги доделија пред 7-8 години се веќе дотраени, расипани. Јас лично користам мој компјутер а голем дел од наставниците ја немаат ни таа можност да купат лаптоп со кој би ја завршиле работата.
додава Мустафа.
Со подрачните училишта во околните села, училиштето „Алија Авдовиќ“ има околу 1400 ученици. Директорот Кенан Имери е свесен за недостатокот на опрема и добра интернет-врска. Вели дека училиштето може да понуди помош, но ограничена.
Проблем се подрачните училишта, пет подрачни. Меѓутоа се трудат наставниците да работат со своите ученици, повеќе преку вибер со родителите на тие ученици.Ние во школо имаме меколку лаптопи, ги делиме на родителите тие што немаат можности.
изјави директорот на ОУ „Алија Авдовиќ“, Кенан Имери.
Централната власт засега нема презентирано план како ќе постапува со ваквите случаи, но повикува проблемите веднаш да се пријавуваат.
Кога зборуваме за е-учење, не мислиме на некакви најсовремени камери или микрофони, туку наставата ќе може да се следи преку смарт-уреди. Верувам дека не би имале некој посебен проблем за да се реализира, но секако стоиме на располагање и апелирам да се пријавуваат проблемите.
изјави министерот за образование Арбер Адеми.
И додека онлајн наставата и некако тргна, засега нема готов план – како ќе се спроведе оценувањето на учениците.
За начинот на оценување на учениците Бирото за развој на образованието подготвува упатство за сите наставници.
додаде Адеми.

За секој тест или испрашување мора да се учи. Тие што не можат тоа да го прават на интернет, имаат опција да ја следат „ТВ училницата“ на јавниот сервис. И во двата случаи, тоа значи дека училниците остануваат во дневните соби, можеби и до крајот на учебната година.