Ова е маратон, не е спринт, вели за „360 степени“ Софија Пападополу – директорка на Клиника за пластична хирургија при Општата болница „Папаниколау“ во Солун, каде во моментов се лекуваат тројца повредени од пожарот во Кочани. Времето потребно за рехабилитација е најмалку една година, по што продолжува и третманот на лузните. А тука е и психичката лузна
Една пациентка би можела да биде пуштена од болница за неколку недели, вели Атена Лаврентиева – раководителка на Оддел за интензивна нега. Но, за останатите двајца пациенти хоспитализирани во „Папаниколау“ не сака да прогнозира. Вели, нивната состојба и натаму е тешка
Во Солун се сретнавме и со најблиските на дел од повредните кои се лекуваат во „Папаниколау“ и во Воената болница во градот. Прифатија разговор, не и јавно да настапат. Задоволни се од приемот и третманот, но неизвесноста ги истоштила
Болницата „Георгиос Папаниколау“ во Солун е еден од трите медицински центри во Грција што на кобниот 16 март ги отворија вратите на своите специјализирани одели за изгореници. Во нив се лекуваат дел од повредените во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани.
Во „Папаниколау“ за своето закрепнување сега се борат тројца пациенти – две девојки и едно момче. На возраст се од 19, 25 и 26 години.
Општата болница „Папаниколау“ во Солун е меѓу најпочитуваните здравствени центри во регионот. Има одделенија од речиси сите медицински специјалности и е екипирана со високо квалификуван медицински кадар.

Според докторите, пациентите биле донесени истиот ден, во неделата на 16 март, кога се случи трагедијата, во релативно стабилна состојба што може да се контролира.
Биле извршени првичните лекарски зафати за третман на изгорениците и се ставени на механичка вентилација на интензивна нега. Дел од пациентите биле подложени и на хируршки интервенции.
Според д-р Атена Лаврентиева, која е раководителка на Одделот за интензивна нега, по успешните третмани, една пациентка била исклучена од механичка вентилација и нејзината состојба е прилично стабилна. Со неа се обидуваат да практикуваат и физикална терапија – лесни движења и барем краткотрајно станување и чекорење. Таа смета дека за неколку дена може да биде префрлена од интензивна нега на одделот за пластична хирургија.
Но, состојбата на преостанатите двајца пациенти засега не е добра.
„Важно е да се каже дека тие имаат тешки респираторни повреди. Во текот на првите денови им направивме бронхоскопија и откривме многу тешка форма на втор и трет степен на респираторни повреди кај овие двајца пациенти кои беа под ризик да развијат различни компликации и во овој момент двајца веројатно имаат пневмонија, компликации од инфекции и, исто така, имаат тромбоза што е честа компликација кај пациенти со изгореници и се под опсервација и специфичен третман за овие состојби и нивната општа состојба во моментов останува критична“,
вели Атена Лаврентиева – раководителка на Оддел за интензивна нега.

Во однос на прогнозите, д-р Лаврентиева е пооптимистична за пациентката што е во подобра состојба. За другите двајца е претпазлива.
„За првиот пациент се работи за неколку недели, а за другите не можам да кажам ништо бидејќи пред нив има долг пат и е непредвидливо, тешко е да се каже во кој правец ќе тргнат бидејќи опасноста постои и за сериозни компликации и за состојби кои може да имаат влијание на сè, на функционирањето на органите, може да се случи дисфункција на органите каде може да развијат и компликации во моментот“,
додаде Лаврентиева.
Д-р Софија Пападополу, пак, е директорка на Клиниката за пластична хирургија во „Папаниколау“. Таа вели дека надворешните изгореници на тројцата пациенти се главно на лицето и на рацете.
„Од хируршки аспект, за кој можам јас да зборувам, двајца од нив имаат трансплантирано кожа на рацете, една од девојките, а другата на целата рака, но има уште операции кои претстојат. Не премногу, но најмалку по една на обете, веројатно следната недела. Тие имаат физикална терапија секојдневно, но ова е маратон, не е спринт и затоа ќе им биде потребно време и рехабилитација понатаму која ќе трае најмалку година потоа за целосниот третман за нивните лузни. И секако има психичка лизна што е друга состојба со која ќе треба да се соочиме, исто така“,
вели Софија Пападополу – директорка на Клиника за пластична хирургија.

Д-р Пападополу вели дека модерната медицина нуди многу можности за третман на лузни и подобрување на естетиката по вакви повреди.
„Има многу можности, многу од нив се конзервативни. На крајот, исто така, реконструктивна хирургија може да помогне. Но, се надеваме дека нема да им треба, но конзервативно, постојат специјални медицински креми кои тие ќе ги користат или маски ако има изгореници на лицето или специфична облека за компресија и ракавици ако лузните се на рацете. Ќе биде потребно физикална терапија и понекогаш ласерска терапија и, на крајот, како што кажавме, кај некои случаи и реконструктивна хирургија“,
додаде Пападополу.
Следуваше веројатно најтешкиот дел од новинарската работа – средба со родителите на тројцата повредни млади луѓе и прашањето дали сакаат да бидат наши соговорници. Во сите објекти на болницата има строги здравствени протоколи. Така и во овој објект што го нарекуваат камената зграда. Во него се одделите за изгореници, интензивна нега и пластичка хирургија. Разговорот беше во една од чекалниците – неизвесност и болка се благи зборови за да се опише она што го чувствуваат.

Штотуку зборував со родителите на тројцата пациенти што се лекуваат во одделот за изгореници зад мене. Тие се и натаму силно вознемирени и, како што ми рекоа, истоштени од исчекување – каков ќе биде исходот од лекувањето. Не сакаа јавно да зборуваат, но ми кажаа дека се презадоволни од третманот од целиот медицински персонал.
Со нашите две соговорнички докторки зборувавме и за претходни искуства и за хуманиот аспект при ваквите настани.
„Се разбира тука се роднините и родителите. За нив е многу стресно и неизвесно. Многу е тешко да ги информираш поради стресот. Нивниот живот се испреврти за еден момент. За нив е тешко да се справат со оваа ситуација и да го следат сето она што го дознаваат за состојбата на нивните најблиски, за третманот, за специфилните термини. Многу е тешко“,
рече Атена Лаврентиева – раководителка на Оддел за интензивна нега.
„Бев шокирана бидејќи ваква ситуација се случи и претходно, во Романија во 2015 година. Тоа беше несреќа со повеќе од 100 повредени лица и е многу разговарана во европската заедница на пластични хирурзи во Европската асоцијација за изгореници и секогаш дискутираме дали сме подобро подготвени доколку ваква масовна несреќа некогаш се случи. Јас не можев да поверувам дека се случи и оти се случи толку блиску до нас. Јас веднаш се јавив во центарот за итни случаи на Солун да прашам дали веќе имаме повици бидејќи знаевме дека има голем број жртви, жртви со изгореници и дека ниту една држава не може сама да се справи со толку голем број пациенти“,
рече Софија Пападополу – директорка на Клиника за пластична хирургија.
Помош и поддршка за семејствата на повредените во најголемата трагедија што досега и се случила на земјава е повеќе од добредојдена – и од државата и од граѓаните.
Освен во болницата „Папаниколау“, двајца пациенти има и во воената болница во Солун. Во Атина се лекуваат уште седум. Со тоа, семејствата на вкупно 12 повредени се надеваат дека нивните најблиски наскоро опоравени ќе се вратат дома од соседна Грција.