На грчко-турската граница, кај преминот Кастаниес, состојбата час е мирна, час наликува на бојно поле. Кога мигрантите од турска страна ќе се обидат да направат притисок врз грчката полиција и војска, чадни бомби летаат во двете насоки.

Но, силното обезбедување во пограничниот регион од грчка страна испраќа јасна порака – ќе се спречи каков било обид на мигрантите да ја пречекорат границата на Европската Унија. Снимките на „360 степени“ сведочат за масовното полициско и воено присуство во населените места покрај толку чуваната ограда што ги дели Грција и Турција.

Иако неколку часови се движевме по патиштата и полињата на пограничниот регион на Грција, сепак, не забележавме групи мигранти коишто успеале нелегално да ја преминат границата и да навлезат на грчка териртија. Според информациите што ги имаме тоа изминативе денови било често, се случувало вакви групи да се видат на овој терен, но веројатно од ден во ден тоа станува се поретко.

За тоа говорат и официјалните бројки на грчките власти – ако на 1 март биле спречени над 10 илјади обиди за нелегален премин на границата и биле уапсени над 90 лица, една недела подоцна имало 745 обиди за да се премине границата и само двајца уапсени.

Од самиот граничен премин Кастаниес известуваат неколку десетици новинарски екипи од целиот свет. Речиси секојдневно доаѓаат и претставници на грчките институции. Овој пат тоа беше заменик-гувернерот на регионот Еврос, Димитрис Петровиц.

„Грција не може да си дозволи голем број на бегалци. Како што знаете, оваа област е грчка копнена граница со Турција, но исто така е и европска копнена граница со Турција. Па, кога некој се обидува да ја прескокне оваа граница, тој не само што сака да влезе во Грција, туку во пракса, ги нарушува и границите на ЕУ“,
смета Петровиц.
Петровиц не сакаше да потврди дека локалното население активно и помага на полицијата и војската во обезбедување на границата. Но, вели, ако во минатото мештаните им помагале на бегалците со вода, храна, облека, сега не така.
„Овојпат имаме случаи каде некои од бегалците се закануваат на локалното население. На север од овде имаше случај на запален добиток, а имаше и напади против локални жители во последните месеци. Се чини дека феноменот е различен споредено од пред неколку години. Луѓето во овој бран мигранти се поинакви, па населението е загрижено. Како ни помагаат? Ја повикуваат полицијата и армијата секогаш кога ќе забележат некој кој сака да ја премине границата. Не прават ништо повеќе од тоа“,
тврди Петровиц.
На неколку километри од граничниот премин е селото Марасиа. Ова е реката Марица или Еврос, која тече непосредно до селото. Таа е природна граница меѓу Грција и Турција. Локалните жители раскажуваат дека мигрантите знаат да ја препливаат реката и да дојдат во селото.

„Понекогаш пет до десет луѓе доаѓаат. Но, нема толку многу како во Кастаниес. Полицијата ги приведува и ги носи, не знам каде. Кога ќе видиме вакви луѓе и се јавуваме на полицијата за да дојде и да ги земе“,
вели Јорго Готидес – жител на Марасиа.
Новинарските екипи два пати дневно имаат можност да се приближат на железничката пруга во близина на преминот Кастаниес која е исто така добро обезбедувана. Местото е на неколку стотици метри од граничната ограда. Тоа е и најблиското место до оградата на грчко – турската граница до кое грчката полиција дозволува да се приближат новинарските екипи. Но, овој пат веднаш зад оградата не беа видливи мигрантите, туку во далечината забележливи беа само припадници на турската полиција.

Сепак, со максимален зум на камерата можеше да се види дека малкумина мигранти се движат на турска територија пред будното око на подготвените грчки сили.
Новинарот на Алџезира Балканс, Ѓорѓе Костиќ, известува од граничниот премин Кастаниес од самиот почеток на кризата. Вели дека инцидентите се случуваат поради провокации од двете страни. Потсетува дека Грција и Турција историски немаат добри односи па ако состојбата не се контролира лесно може да ескалира.

„И сега кога ќе видите на граница меѓу двете земји како летаат солзавци, се слушаат рафални истрели, секако не со боева муниција, но се слушаат, и таа слика го обиколува светот – верувајте овие народи овде се сило спротивставени, овде може малку да се направи и мала искра е потребна да настане поголем проблем. Секако, некој има контрола на ова и се надеваме дека такво нешто нема да се случи“,
вели Костиќ.
Костиќ препознава систем во настаните на кои сведочи на граничната линија.
„Ситуацијата се смирува секогаш кога се случуваат големи состаноци поврзани со оваа приказна. Кога високите претставници на Европската Унија поминуваа од овде беше мирно, следниот ден имаше проблеми. Кога Ердоган беше на посета кај Путин беше мирно, следниот ден имаше проблем. Тоа е само коинциденција. Јас не знам дали ова навистина некој го контролира, но просто ситуацијата е таква што може да се стави под контрола и треба да се најде некаков модел како да им се помогне на тие луѓе и како да се избегнат ситуациите на сериозни меѓугранични провокации и од едната и од другата страна“,
вели Костиќ.
Сепак, новинарите кои со денови известуваат од ова место се согласни дека состојбата е далеку помирна сега отколку на почетокот на кризата.

Кога на граничниот премин во квечерината ќе стивне вревата, од далечината на турска територија и натаму можат да се слушнат извици на мигрантите кои негодуваат поради односот на грчката војска и на полицијата. И десеттина дена по ескалацијата на ситуацијата не ги напушта надежта дека ќе успеат да стапнат на територија на Европската Унија, а потоа преку Западен Балкан да стигнат до развиените европски земји.