Премиерот на Бугарија, Кирил Петков, во пресрет на посетата на Скопје, даде интервју за „360 степени“, во кое одговара што треба да се очекува од разговорите со Владата на Димитар Ковачевски, што значат заклучоците од Консултативниот совет за безбедност кај претседателот Радев, што конкретно се очекува на планот на правата на Бугарите во Северна Македонија, каков е неговиот став за идентитетско-јазичните прашања, дали и кога Бугарија ќе го крене ветото за земјава во ЕУ…
– Премиере Петков, што може да очекуваме како резултат од Вашата прва посета на Скопје?
„Многу се надевам дека ќе направиме многу добар почеток на дијалогот со вашата влада. Со Димитар Ковачевски веќе телефонски разговаравме и јас сакам да покажам со брзото доаѓање по неговата нова улога, дека ќе имаме пристап на дијалог и конструктивност за кој се надевам дека ќе донесе и брзи резултати. Се надевам дека како реални резултати ќе ги договориме групите кои ќе се среќаваат во областите економија, инфраструктура, култура, евроинтеграции и историја, да направиме многу добар и јасен план за тоа колку често тие ќе се среќаваат, јас дури би предложил да се среќаваат еднаш месечно и би се радувал да не биде одеднаш, туку да имаме по една средба секоја недела и со тоа да направиме интензивен план на средби, се надевам, со многу брз напредок за сите теми.“
– Се појави информација дека веќе на 25 јануари ќе се одржи заедничка седница на двете влади. Дали можете да го потврдите тоа?
„Да, со задоволство, ние немаме време за губење и од таа гледна точка, не сум разговарал со Димитар Ковачевски за точно кој датум да биде, но мене тоа ми звучи како многу добар оперативен план. Немаме време за губење – 25 јануари, зошто да не!?“

– Според некои анализи, претседателот Румен Радев ви ги врзал рацете со заклучоците од неодамнешниот состанок на Консултативниот совет за национална безбедност и го спласнал Вашиот ентузијазам за нов пристап во дијалогот со РСМ. Дали и Вие ги доживувате на таков начин заклучоците од советот за безбедност кај претседателот Радев?
„Не, напротив. Тоа што се случи на Консултативниот совет е дека сите партии и претседателот Радев се обединивме околу тој нов пристап, всушност ја потврдивме постоечката позиција на Бугарија, но и истовремено зададовме тон за наредните чекори кои треба да се случат. Така што, од таа гледна точка, таа општа платформа овозможи да ми се даде јасен и конкретен мандат за наредните чекори кои треба заедно да ги преземеме зашто во Консултативниот совет учествуваа сите парламентарни партии.“
– Овде во Скопје во многу анализи се поставува прашањето кој сега ќе ја има палката во дијалогот со Република Северна Македонија – дали премиерот Петков или претседателот Радев?
„Всушност, тука нема палки. Имаме јасен план за дејствување и она од што навистина ќе зависи колку добро и колку брзо работите ќе се придвижуваат ќе биде на база на реално постигнатите резултати. Јас се надевам дека тоа ќе го направиме со најпрактичен редослед – де факто зависи од работните групи, од напредокот што ќе го постигнеме и ако навистина успееме да изградиме мост на доверба и конкретност, се надевам дека тоа ќе биде вистинската палка, како што вие ја нарековте, палката ќе бидат реалните резултати.“
– Пак ќе се реферирам на Консултативниот совет за национална безбеднсот. Во видео-обраќањето по состанокот, меѓу темите за кои треба да се разговара меѓу Софија и Скопје, првпат – првпат Вие лично ги споменувате правата на македонските Бугари? Може ли да ни кажете што конкретно очекувате на тој план од Република Северна Македонија?
„Она што е важно се две работи. Првата, Бугарите во Северна Македонија да имаат рамноправни права со другите конститутивни народи, тоа е важно да се каже. И се разбира, не само за тоа, туку како принцип, да сме сигурни дека ќе нема јазик на омраза, дискриминација и ќе нема занемарување на човековите права за сите граѓани во Република Северна Македонија. Со други зборови, ние сакаме да сме сигурни, а јас мислам дека тоа е добро и за Република Северна Македонија и за Бугарија, дека сите права на Бугарите во Република Северна Македонија како и на останатите заедници, се еднакви, а се еднакви и пред законот.“

– Во повеќе изјави од официјални бугарски претставници, а и во заклучоците од КСНС се вели дека Бугарија никогаш не го негирала и не го негира правото на граѓаните на Република Северна Македонија да се самоопределуваат врз основа на сопственото самосознание, како и да ги користат своите јазици, според Уставот на својата држава. Од друга страна, во Рамковнара позиција од 2019 г., потврдена и од советот за безбедност, меѓу другото се наведува: Бугарија не треба да дозволи интеграцијата на Република Северна Македонија да биде придружена со европска легитимација на државно спонзорирана идеологија на антибугарска основа. Досега не сме ве слушнале со ставови за овој корпус на прашања? Па ме интересира, која е Вашата позиција за овие теми?
„Она што е важно да се каже, а јас сум горд, е дека Бугарија беше една од првите, првата држава, која ја призна Република Северна Македонија како независна држава. Со тој чин, ние реално кажавме дека како секоја самостојна држава, таа треба да се самоопредели и ние не се мешаме во внатрешните политики на таа независна држава. Така што, од таа гледна точка, со признавањето ние сме го рекле сето тоа и она на што беше ставен акцентот на Консултативниот совет е да сме сигурни, како што кажав пред малку, и правата на Бугарите во Македонија се рамноправни со другите народи кои се споменати во Уставот. Тоа е единственото важно, не само за Бугарија, мислам дека тоа е важно за целата ЕУ – да бидат почитувани сите права на сите граѓани на исто законско ниво и со голема потврда дека дискриминација, по која било основа, не може да биде дел од третирањето на едни или други народи. Но, тоа не е мешање кај вас, тоа е општо европски… Мислам дека и Република Северна Македонија тоа би требало да го постави на високо ниво. За сите граѓани на ЕУ тоа треба да е факт. Така што, од таа гледна точка, сакам многу јасно да кажам дека се радувам дека пред толку години ја признавме Република Северна Македонија како независна држава со сите права кои една независна држава треба да ги има. Прашањето овде е да сме сигурни дека недозволуваме некакви националистички расположенија да бидат повод за дискриминирање.“
– Господине Петков, на едно принципиелно ниво – дека со признавањето на државата сте го признале правото на самоопределување на граѓаните и така натаму – звучи коректно, но ако ги читаме Рамковната позиција од 2019 г. и Декларацијата на 44. Народно собрание, таму има ставови што одат надвор од оваа принципиелна позиција, на пример, особено во делот на именувањето на јазикот, на македонскиот јазик. Мислите ли дека во рамките на таа Рамковна позиција и таа Декларација на Народното собрание може да се најде решение?
„Тоа што го направи Консултативниот совет е дека ние, во принцип, ја потврдуваме нашата позиција до овој момент, но, всушност, она на што се надевам е дека во следните месеци и недели, сите тие специфични индивидуални прашања… бидејќи јас сум сигурен дека еден дијалог бара од двете страни да може да ги адресираме проблемите што ги гледа секоја од страните, да може да ги адресираме во најконкретна смисла. И ако имаме конструктивен дијалог, сигурен сум дека има решение за секој проблем. Кажувајќи го ова, самиот детаљ што и Вие го наведувате, претпоставувам дека ќе биде разгледан на тие средби. Тоа за што сите партии се обединија на масата во Консултативниот совет е дека ние ја потврдуваме постоечката позиција, но и ја надградуваме со тој конструктивен тон и со работните групи, со вистинска желба, и тоа треба да се каже многу силно, да го видиме патот на Република Северна Македонија кон членство во Европската Унија.“
– Емануел Макрон, претседателот на Франција, чија земја претседава со Советот на ЕУ во овие шест месеци, преку изјави на амбасадорите во Софија и во Скопје, се нуди за олеснувач на дијалогот меѓу РБ и РСМ. Што мислите вие, ќе ви биде ли потребна таква помош?
„Знаете ли што се надевам и тоа е многу важно да се каже, јас сум сигурен дека и властите во Република Северна Македонија ќе го разберат и ќе го поддржат – време е ние заедно да ги решиме тие прашања. И ние како две добрососедски држави кои имаат почит една кон друга, треба да можеме да го направиме без ничија друга помош. Мислам дека политичката култура и спремноста да имаме добрососедство и конструктивност во сите теми, не ни требаат посредници. Треба ни е да си ја завршиме работата и на тој начин секој од нас ќе биде многу поубеден кога знаеме дека тоа е резултат на нашите напори меѓу двете страни. Предлагам отсега натаму… да, ние сме веќе дел од европското семејство, вие ќе влезете во тоа семејство во иднина – да, координацијата со нашите европски партнери е секогаш добра, но за решавањето на проблемите ние треба да сметаме на работата меѓу двете наши држави. Нема смисла да внесуваме посредници, ние најдобро си ги разбираме проблемите и ние имаме најголема полза од нивно решавање. Така што, од таа гледна точка, го нагласувам фактот дека сме способни како две држави директно да најдеме решенија за прашањата важни за нас.“
– Претпоставувам дека сте свесен оти главното прашање во Скопје е дали и кога Бугарија може да го крене ветото за Република Северна Македонија во ЕУ. Во првите Ваши изјави по преземањето на функцијата, на прашањата за евентуално укинување на ветото од, зборувавте за шестмесечен рок во кој работните групи би добиле шанса да постигнат резултат. Но, тоа ви реплицираа претседателот Радев и други Ви забележаа дека не треба да се зборува за рокови, туку за реални резултати – таков е и заклучокот од советот за безбедност. Дали се уште верувате дека до јуни е можен пробив?
„Она што е најважно да се каже е дека зависи од успесите што ќе ги постигнеме. Ако успееме да постигнеме реални успеси за сите прашања што си ги поставуваме едни на други и ги решиме на најконструктивен начин, тоа ќе го определи крајниот рок во кој ќе можеме заедно да поминеме во следната фаза што сакам да декларирам дека е мој вистински и искрен стремеж – тоа да се случи и тоа во најбрзиот рок. Но, тој рок целосно е функција од тоа каков успех ќе постигнеме заедно. Мислам дека тоа е најискрениот и вистински одговор за да можеме да имаме јасна претстава дека е прашање на заеднички напори, а не прашање на датуми од календар. Зашто, ако сме многу успешни, тие датуми се поблиску, ако имаме проблеми што нема да успееме да ги решиме, тоа станува проблем. Генерално, програмата што ја поставив и се надевам дека ќе ја реализираме заедно, е во следните шест месеци работните групи навистина да се среќаваат еднаш месечно, тие се пет што значи дека секоја недела отсега па во следните шест месеци очекувам да имаме програма за средби. Врз основа на резултатите, се надевам, ќе можеме да напредуваме по важната тема за Република Северна Македонија – максимално брзо.“