За да се почне процес на ветинг во правосудството потребно е двотретинско мнозинство, а тоа како и дебатата за ова прашање не може да се заврши пред изборите, изјави денеска министерката за правда Рената Дескоска пред почетокот на дијалогот за политики „Имплементација на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017-2022 година“, одговарајќи на новинарско прашање околу ветингот и како би се спровел.
„Тоа е реалност и ниту еден процес не треба да биде избрзан. Добро е дека веќе се јакне свеста и се отвора дебата и во рамките на самите правосудни институции дека потребни се одредени корекции во нивното работење, така што тоа 99 отсто, ако не и 100 отсто ќе остане за после изборите, додаде Дескоска.
Во однос на моделот и кој ќе го спроведе, Дескоска рече дека се можни повеќе варијанти – едната е да се врши ветинг од заедничка комисија која ќе испитува повеќе аспекти, но можно е тоа да оди и преку комбинација на активностите на повеќе институции.
Крајниот избор ќе биде направен со консензус од двотретинско мнозинство, рече Дескоска.
Претседателот на Советот на јавни обвинители Ацо Колевски во однос на ветингот смета дека не е проблем само малиот број на обвинители, туку и тоа што на јавното обвинителство му е загарантирана самостојноста согласно Уставот и треба да се внимава тоа да не биде прекршено.
Тој смета дека Советот на јавни обвинители би требало да учествува во процесот на ветинг и тоа да се спроведе со внатрешни сили. Mоже да се вклучат и меѓународни структури, но само како советници, затоа што целата операција околу стручното работење на јавните обвинители го врши самото јавно обвинителство.
Најгласен меѓу оние кои бараат прочистување на институциите на системот е министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој во овој контекст во повече наврати ја посочи „соработката“ на релација МВР – обвинителство – судство
Во интервју за „360 степени“ тој посочи и конкретни примери“ кога поради одлуки на обвинителството или судството, лица за кои МВР поднеле пријави не завршиле во притвор иако некои биле фатени на самото место во врешење кривичното дело.