Резултатите покажуваат и дека над една третина – 36 отсто од судиите пријавиле дека искусиле некој вид влијание или притисок од извршната власт (ретко, често или понекогаш), а 37 отсто од политичките партии. За обвинителите, пак, податоците обелоденуваат дека 36 отсто од нив искусиле обиди за влијание од членовите на извршната власт, а 29 отсто од претставници на политички партии
Анализата покажува дека судиите испитаници забележале дека е познато оти некои адвокати ги замајувале своите клиенти со ширење шпекулации за корумпирани судии што треба да се поткупат за да донесат поволна пресуда. Во некои случаи адвокатите дури побарале од своите клиенти дополнителни средства за наводно да ги поткупат судиите, иако парите никогаш не стасале до наводниот примател, а за предметот се решавало непристрасно

Изготвување несоодветни наоди и мислења од страна на вештаците, е најголемиот ризик од корупција кој го посочуваат и судиите и обвинителите во земјава во истражувањето „Проценка на ризиците од корупција во правосудството во Северна Македонија“.
Меѓу интересните податоци што ги открива ова истражување е дека речиси половина односно 46 отсто од судиите кои биле анкетирани навеле дека искусиле некоја форма на притисок или влијание од своите колеги. Значителен број од обвинителите или 41 отсто имале директен или индиректен притисок од адвокатите. Не се за занемарување ниту процентите на судии и обвинители кои рекле дека се сретнале со определени притисоци и обвини за влијание од претставници на извршната власт и политичките партии.
Ова истражување за ризиците претставува иновативна иницијатива која првпат се спроведува во земјава, а документот денеска го презентираше Мисијата на ОБСЕ во Скопје која ја поддржа Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во партнерство со здруженијата на судии и јавни обвинители за да ја изготват Проценката.
Оваа проценка, рече амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килиан Вал, не претставува само документ што сега ќе го споделиме, туку треба да послужи како катализатор за промени.

„Оваа проценка на ризиците од корупција во правосудството, прва од ваков вид спроведена во Северна Македонија, претставува експедиција низ длабочините на корупцијата и се базира на сведоштвата и искуствата на судиите и обвинителите во земјата искажани од прва рака. Таа нуди перспектива одвнатре од правосудниот систем и нè соочува со суровата реалност и системските предизвици кои го спречуваат испорачувањето правда. Забелешките на судиите и обвинителите презентирани овде се спротивставуваат на статусот кво. Со искажување на нивните значајни загрижености, тие ја истакнуваат потребата за развивање поделотворни антикорупциски механизми“,
вели Вал.
И судиите и обвинители ги сметаат надворешните ризици за корупција како позастапени
Изготвувањето пристрасни вештачења, како највисок ризик од корупција кој го идентификуваат и судиите и обвинители, е во категоријата на надворешни ризици.
Во истражувањата судиите еволуирале 36, а обвинителите 35 потенцијални ризици, кои истражувачите ги категоризирале како внатрешни и надворешни. И едните и другите како најголем ризик го посочиле изготвувањето пристрасни вештачења – кај судиите тој е со коефициент од 9,13 (на скала од 1 до 10), додека кај обвинителите е 6,38.
„Исто како и кај рангирањето на ризиците од корупција кај судиите, јавните обвинители ја наведоа работата на вештаците и изготвувањето несоодветни вештачења како највисок ризик од корупција. Како што беше случај и со судиите, јавните обвинители кои беа интервјуирани го изразија своето незадоволство од контрадикторните вештачења што ги даваат вештаците, кои имаат тенденција да ги фаворизираат оние кои ги ангажирале. Тие ја перципираат работата на вештаците како непрофесионална и пристрасна, со што создаваат опкружување погодно за корупција и несоодветно влијание врз кривичната постапка“,
пишува во истражувањето.
По изготвувањето вештачења, следните од листата најголеми ризици кои ги процениле и судиите и обвинителите исто така доаѓаат од надвор, а заеднички заклучок и за едните и за другите е дека имаат тенденција надворешните ризици да ги сметаат за позастапени.
„Адвокати ширеле шпекулации за корумпирани судии што треба да се поткупат“
Според рангирањето од судиите, три од првите пет најголеми ризици за корупција се поврзани со работата на адвокатите. На пример, тука е злоупотребата од страна на адвокатите со цел одолговлекување на постапката, кој судиите го идентификувале како втор најголем ризик. На четврто и петтото место, пак, се: неетичкото однесување на адвокатите кое кај странките и оштетените предизвикува впечаток за корупција и блискоста помеѓу обвинителите и адвокатите која влијае врз постапките. За ова, во истражувањето е посочен и пример од тоа што го забележале судиите.
„Испитаниците забележаа дека е познато дека некои адвокати ги замајувале своите клиенти со ширење шпекулации за корумпирани судии што треба да се поткупат за да донесат поволна пресуда. Во некои случаи адвокатите дури побарале од своите клиенти дополнителни средства за наводно да ги поткупат судиите, иако парите никогаш не стасале до наводниот примател, а за предметот се решавало непристрасно“,
пишува во Проценката.
Меѓу прворангираниот што се однесува на вештачењата и трите ризици поврзани со адвокатите, во листата од Топ 5 најголеми закани за корупцијата кои ги идентификуваат судии е нискиот квалитет на обвинителните акти.
Дури на шестото место доаѓа ризик кој е внатрешен односно дека постои внатре во судовите. Станува збор за влијанието на претседателите на судовите преку годишниот распоред за работа, кој според рангирањето на судиите е со коефициент на ризик од 6,1.
Во продолжение е целосната листа на рангирани ризици од страна на судиите.



Недоволна соработка меѓу обвинителствата и останатите органи
Според обвинителите, пак, како втор ризик од корупција веднаш по пристрасните вештачења, е недоволната соработка што тие ја имаат со другите надлежни органи, како МВР, Финансиското разузнавање, УЈП, Царината итн., во текот на претходната кривична постапка.
„Најголем дел од јавните обвинителства сè уште немаат истражни центри и, во праксата, начинот на соработка меѓу јавните обвинители и полицијата не е изедначен. Некои од јавните обвинители очекуваат дека полицијата треба да преземе иницијатива и да ги врши сите истражни дејствија за кои се овластени, без секогаш да чека инструкции од обвинителите кои ја водат истрагата. Од друга страна, некои полициски службеници формално го следат словото на законот што го поставува јавниот обвинител како dominus litis на претходната постапка и веруваат дека тие треба да дејствуваат според неговите / нејзините инструкции. Овие различни пристапи влијаат врз обвинителската работа и, последователно, може да се одразат врз квалитетот на обвинителните акти, што од страна на судите пак беше споменато како потенцијален ризик од корупција. Недоволната соработка може исто така да влијае врз кривичната постапка“,
се забележува во истражувањето.
Во првите пет најголеми ризици кои ги идентификувале обвинителите се и: злоупотребите на процесните права од страна на бранителите во текот на претходната постапката; протекувањето на доверливи информации во текот на претходната постапка од страна на останатите органи со кои соработуваат обвинителствата; и недоволната примена на институтот за спогодување за видот и висината на кривичната санкција од страна на јавното обвинителство.
Во продолжение е целосната листа на рангирани ризици од страна на јавните обвинители.



Над една третина судии имале притисок од извршната власт или од политичките партии
Интересен дел од истражувањето е и за искуството на судиите и обвинителите со притисоците и обидите за влијание врз нивната работа.
Резултатите во однос на судиите покажуваат дека дури 46 отсто од нив (ретко, често и постојано) искусиле притисоци од своите колеги судии. Висок процент 42 отсто навеле дека искусиле сличен притисок или влијание и од судии од повисок ранг како што се претседателите на судовите или судиите од повисоките судови.
„Иако повеќето испитаници посочиле дека ваквите практики не се случуваат често, оваа статистика треба да се смета за знак за предупредување дека судиите се предмет на различни форми на хоризонтални (колегијални) или вертикални (хиерархиски) влијанија во 61 своите редови. Во стварноста присуството на ваквите практики може да е уште пошироко распространето, имајќи ја предвид тенденцијата да не се пријавуваат сите коруптивни искуства“,
пишува во анализата на резултати.
Понатаму, резултатите покажуваат и дека над една третина – 36 отсто од судиите пријавиле дека искусиле некој вид на влијание или притисок од извршната власт (ретко, често или понекогаш), а 37 отсто од политичките партии.
„Истото важи и за обидите за влијание од адвокати (35 отсто), претставници на деловниот сектор (35%) и членовите на Судскиот совет (32 отсто). Спротивно на ова, процентот на судии кои пријавиле дека се соочиле со притисок или обиди за влијание од јавните обвинители и претставниците на меѓународната заедница беше значително понизок, на ниво од 25 отсто, односно 10 отсто“,
пишува во анализата.

И јавните обвинители се ранливи на политички влијанија
Во однос на обвинителите, пак, се забележува дека значителен дел од нив искусиле директен или индиректен притисок, сугестии или обиди да се влијае врз нивната автономија. Дури 41 отсто рекле дека (ретко, често или понекогаш) имале вакво искуство со адвокати.
„36 отсто и 35 отсто искусиле сличен притисок од страна на јавни обвинители од повисок ранг и колеги јавни обвинители. Дополнително, 33 отсто од јавните обвинители навеле обиди за влијание од страна на судиите, но само 13 отсто од членови на Советот на јавни обвинители“,
покажуваат останатите резултати.
Податоците исто така обелоденуваат дека 36 отсто од јавните обвинители искусиле обиди за влијание од членовите на извршната власт, а 29 отсто од претставници на политички партии.
„Овие бројки сугерираат дека, како и судиите, јавните обвинители остануваат ранливи на политичко влијание и недоволна поделба на власта меѓу извршната и судската власт“,
пишува во анализата.
Што се однесува до влијанија од бизнис секторот, 23 отсто од обвинителите пријавиле дека имале такво искуство, а само 7 отсто од меѓународната заедница.

Судиите и обвинители имаат скептицизам за работата на Судскиот и Советот на јавни обвинители
Дел од истражувањето е посветено и на ставовите на судиите кон Судскиот совет и на обвинителите за Советот на јавни обвинители.
Резултатите покажуваат дека кај судиите има значителен скептицизам во поглед на способноста на Судскиот совет да ја исполни својата улога како бранител на судската независност.
Повеќето судии или речиси 72 отсто не се согласуваат со тврдењето дека Судскиот совет ја штити независноста на судството.

Исто така, дури 73 отсто не се согласуваат и со тоа дека унапредувањето од судиите се врши на начин што се придржува кон објективни, мерливи и правични критериуми. Слично, значителен дел од судиите (65 отсто) изразуваат скепса во однос на транспарентноста и објективноста на начинот на избор на судии.

И јавните обвинители исто така чувствуваат резервираност во поглед на улогата и ефикасноста на Советот на јавни обвинители.
„Значителен процент, 58 отсто, не се согласуваат со тезата дека составот и процесот на избор на Советот осигуруваат негова независност и непристрасност, додека 56 отсто имаат став дека одлуките на Советот не се донесуваат самостојно и независно. Обвинителите се поделени речиси 80 еднакво околу прашањето дали Советот успешно ја чува автономијата на јавните обвинителства или не“,
пишува во истражувањето.

Понатаму, над половината од обвинителите не се согласуваат дека именувањата се вршат на објективен и транспарентен начин (54 отсто) или дека унапредувањата се вршат согласно со постојните законски критериуми (55 отсто).
„Конечно, јавните обвинители имаат најниско, но сепак впечатливо ниво на скепса околу начинот на кој во пракса се води постапката за утврдување на одговорноста на јавниот обвинител, при што 39 отсто не се согласуваат дека оваа постапка се води објективно и непристрасно“,
се додава во анализата.
Истражувањето опфаќа и проценки за условите за работа за што половина од судиите изразиле задоволство со работата на стручните соработници, додека јавните обвинители, во споредба со судиите се позадоволни со работата на своите стручни соработници. Сепак, и судиите и јавните обвинители се подеднакво незадоволни од техничките ресурси што ги имаат на располагање.
Во однос на безбедноста, пак, се забележува значителен дел од судиите и јавните обвинители не се чувствуваат безбедно во нивниот секојдневен приватен живот или на своето работно место.
ДКСК очекува да се искористи истражувањето, амбасадата на САД порачува – време е за храбри чекори
На презентацијата на документот „Проценка на ризиците од корупција во правосудството во Северна Македонија“, присуствуваше претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, која порача дека очекува ова истражување да биде искористено.

„Искрено се надевам дека наодите и препораките на Проценката ќе станат дел од клучните стратешки документи во земјава кои се однесуваат на овој сектор, а судиите и обвинителите ќе ги искористат за да го подобрат интегритетот на своите институции“,
рече Ивановска.
Заменик-амбасадорот на САД во земјава, Ерик Мајер, пак, порача дека мора длабоко да се навлезе во резултатите од истражувањето бидејќи има сериозни тврдења за корупција кои се реални и прекумерни.

„Ова не е време да си ја тераме работата како обично, време е да се преземат храбри чекори, добро да ги собереме заедничките ресурси и да видиме што ни кажуваат податоците и да најдеме начин заедно да се бориме против корупцијата која постои и да ги елиминираме ризиците што постојат“,
рече Мајер.
За потребите на истражувањето биле спроведени правна анализа, полуструктурирани интервјуа и анкетно истражување на судиите и јавните обвинители. Во рамки на анкетата, биле испратени 427 прашалници за судии и 164 за обвинители. Одговори дале 212 судии и 83 обвинители. Истражувањето било анонимно и доверливо, а одговорите биле праќани по пошта.