За разлика од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, кој се пофали дека помошта е резултат на солидарноста меѓу сестринските партии во ЕПП, словенечките власти ја ставаат помошта во контекст на европската солидарност и координацијата меѓу земјите членки на НАТО
Словенија, преку механизмот на ЕУ за спречување на ширење на ковид-19, одговорила на барањето на нашата земја за помош во опрема за лична заштита. Оваа информација е објавена на официјалната веб-страница на словенечката влада, преку тамошното Министерство за одбрана. Во однос на помошта што вчера на Скопскиот аеродром ја прими министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски се пофали дека за тоа посредувал кај словенечкиот премиер Јанез Јанша, од словенечкото МО објавија дека пратката е во рамки на координираните напори на земјите членки на НАТО за справување со епидемијата.
За разлика од Мицкоски, кој се пофали дека помошта е резултат на солидарноста меѓу сестринските партии во Европската народна партија, во официјалното соопштение на словнечките власти помошта е во ставена во контекст на меѓусебната и европска солидарност, како и во контекст на координацијата меѓу земјите членки на НАТО, меѓу кои од неодамна е и Северна Македонија.

„Словенија испорача материјална помош во форма на лична заштитна опрема во вредност од 110.000 евра на Северна Македонија, со авиони на словенечката армија Турболет Л-410.
Словенија одговори во духот на меѓусебната солидарност на барањето на Северна Македонија, за кое се обрати преку механизмот за цивилна заштита на Европската унија, со цел да се спречи ширењето на ковид-19“,стои во соопштението објавено на веб-страницата на Владата на Словенија.

Вчера, Мицкоски, преку статус на фејсбук, порача дека тој придонел за донацијата преку телефонски разговор со премиерот и лидер на сестринска партија СДС, Јанез Јанша, кој минатиот месец беше повторно избран на чело на Владата на Словенија, како резултат на прегрупирањата што се случија во парламентот во Љубљана.
