Комисијата за заразни болести во секој момент треба да започне со денешниот состанок, но најверојатно нема да препорача нови мерки, најави министерот за здравство Венко Филипче.
Причината е што вирусот е веќе широко распространет.
„Мислам дека нема да има нови мерки. Зошто? И на утринската комуникација што ја имавме телефонски беше констатирано дека сепак никаква дополнителна рестрикција од она што е сега не може да даде дополнителен ефект. Зошто е тоа така? Гледаме што се случува во многу други земји и во земји каде што имаше поголеми рестрикции од нашата сега имаше исто така силен бран. Понатаму, привремени одлуки за карантин од неколку дена не дадоа никакво ефект. Тоа оди во прилог на тезата дека кога има широко распространета локална трансмисија и единствено што треба да се прави е да се почитуваат сегашните мерки“,
изјави Филипче пред почетокот на состанокот.
Ваквите најави здравствените власти ги дадоа уште вчера по состанокот на министерот со директорите на ковид-центрите и претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски.
И според вчерашното објаснување, вирусот има широка инфекција на територија на цела држава, а во сите болници низ земјата има слободни кревети, терапијата се доставува без застој и поради тоа нема потреба од воведување нови дополнителни рестриктивни мерки.