Украинската вицепремиерка рече дека одлуката е донесена поради разузнавачките извештаи кои предупредуваат за можни руски „провокации“ по должина на маршрутите
Украина денеска не планира да отвори какви било хуманитарни коридори за евакуација на цивили од градовите под опсада, изјави вицепремиерката Ирина Верешчук.
Таа рече дека одлуката е донесена поради разузнавачките извештаи кои предупредуваат за можни руски „провокации“ по должина на маршрутите.
Поставени се безбедни коридори од Мариупол, Суми и градовите и селата надвор од главниот град Киев, кои моментално се опколени или речиси опколени од руските сили.
Сепак, руското гранатирање претходно спречи евакуација на цивили од опколените градови, со што обидите за евакуација станаа хаотични.
Градоначалникот на Мариупол Вадим Бојченко предупреди дека градот е на раб на хуманитарна катастрофа и мора да биде целосно евакуиран.
Според него, околу 160 000 цивили се заробени во градот без струја.
Тој додаде дека 26 автобуси чекаат да ги евакуираат цивилите, но дека руските сили не се согласиле да им обезбедат безбеден премин.
„Руската федерација си поигрува со нас“,
рече тој, пренесува Би-би-си.
Руските сили го опколија градот, а на цивилите им снемува вода, лекови и храна.
Претходно денеска Меѓународниот Црвен крст објави дека сè уште не може да достави помош до Мариупол и побара од Русија и Украина безбедно да обезбедат хуманитарен влез во градот.