Изјавите доаѓаат во време кога Вашингтон, под притисок од американскиот претседател Доналд Трамп да ги забрза преговорите, ги засилува дипломатските напори за посредување во завршувањето на војната, која влегува во својата четврта година
Направен е напредок во преговорите за завршување на војната на Русија во Украина, но нема гаранција дека ќе се постигне мирно решение, изјави американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс во интервју за британскиот медиум „Ун херд“, објави „Киев индипендент“.

„Мислам дека постигнавме напредок, но не би рекол со сигурност дека ќе постигнеме мирно решение. Мислам дека има големи шанси да го постигнеме тоа. Мислам дека има големи шанси да не го сториме тоа“,
рече Венс.
Изјавите доаѓаат во време кога Вашингтон, под притисок од американскиот претседател Доналд Трамп да ги забрза преговорите, ги засилува дипломатските напори за посредување во завршувањето на војната, која влегува во својата четврта година. Во текот на викендот американските претставници разговараа со украинските и руските делегации како дел од најновата рунда шатл-дипломатија. Според Венс, разговорите се водат по три патеки – со Украина, Русија и Европа – при што секоја страна има свои приоритети и црвени линии.
Венс рече дека има клучен пробив во разговорите и истакна дека главните точки на несогласување сега се дискутираат отворено, наместо да се кријат под тепих.
„Пробивот што го направивме, според мене, е тоа што сите прашања се всушност отворени“,
рече тој додавајќи дека претходните фази вклучуваа еден вид игра на криенка.
Територијалните отстапки остануваат централна пречка, нагласи Венс и посочи конкретно на руските барања во источна Украина.
„Мислам дека Русите навистина сакаат територијална контрола врз Донецк. Украинците разбирливо го гледаат тоа како големо безбедносно прашање, дури и додека приватно признаваат дека веројатно на крајот ќе го изгубат Донецк – но на крајот може да биде за 12 месеци од сега, може да биде и подолго од тоа“,
рече тој.
Венс додаде дека не е против ограничените информации од преговорите да бидат јавно објавени и верува дека сите страни учествуваат со добра волја. Сепак, тој предупреди да не се претпоставува дека договорот е неизбежен.
„Ќе се обидеме да го решиме ова прашање. Ќе продолжиме да се обидуваме да преговараме“,
рече тој.
Украинските делегати се сретнаа со американски претставници на уште една рунда разговори на 21 декември. Средбата следуваше по украинско-американските разговори на 19 декември и руско-американските разговори на 20 декември во Мајами. Разговорите се фокусираа на ревидирана рамка од 20 точки за завршување на војната, со паралелни дискусии за безбедносните гаранции за Украина и повоеното економско закрепнување.
Претседателот Володимир Зеленски на 20 декември изјави дека територијалните прашања остануваат главен приоритет на Киев. Од друга страна, Москва продолжува да бара сеопфатни отстапки, вклучително и повлекување на Украина од целиот регион Донбас – и од територијата окупирана од Русија и од територијата што сè уште е под украинска контрола – услови што Киев постојано ги отфрла.
