Министерот за одбрана на Венецуела, Владимир Падрино Лопес ги обвини САД за започнување бедна и криминална операција за промена на режимот, како и дека „варварските“ напаѓачки сили ја осквернавиле нивната света земја
Венецуелските власти денеска соопштија дека немаат информации каде се наоѓаат претседателот Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес, пренесува Ројтерс.

Потпретседателката на Венецуела, Делси Родригез изјави дека властите засега не знаат каде се наоѓаат претседателот Николас Мадуро и првата дама, Силија Флорес.
Како што соопшти таа, венецуелската влада бара итен доказ дека тие се живи.
„Бараме итен доказ дека претседателот Николас Мадуро и првата дама Селија Флорес се живи“,
рече Родригез во јавување во емисија на државната телевизија.
Оваа нејзина изјава следи откако претходно американскиот претседател Доналд Трамп на социјалната мрежа Трут Соушл соопшти дека Соединетите Американски Држави (САД) извршиле голем воздушен напад врз Венецуела, како и дека го заробиле нејзиниот лидер, претседателот Николас Мадуро и неговата сопруга во операција спроведена со учество на американските агенции за спроведување на законот.
Како што напиша Трамп, „венецуелскиот лидер Мадуро е заробен и изнесен од земјата“.
Американските власти сè уште не објавиле никакви дополнителни детали за операцијата.
Во изјава за Њујорк тајмс, зборувајќи за американскиот напад врз Венецуела и мисијата за заробување на нејзиниот претседател, Трамп ја нарече операцијата како брилијантна.
На прашањето дали побарал одобрение од Конгресот за операцијата и што е следно за јужноамериканската земја, американскиот претседател изјави дека деталите на тие прашања ќе ги соопшти на прес-конференција во Мар-а-Лаго.
Владата на Венецуела ги обвини САД за започнување серија напади врз цивилни и воени цели во јужноамериканската земја, откако утрово експлозии го потресоа главниот град, Каракас.
Министерот за одбрана на Венецуела, Владимир Падрино Лопес ги обвини САД за започнување бедна и криминална операција за промена на режимот, како и дека „варварските“ напаѓачки сили ја осквернавиле нивната света земја.
Инаку, САД ја засилија својата воена кампања во последните месеци против наводниот шверц со дрога поврзан со Венецуела, а беше таргетирано и пристаниште.
Мадуро пред само неколку дена во новогодишно интервју изјави дека е отворен за преговори со САД, истовремено предупредувајќи дека Вашингтон сака насилно да ја преземе контролата врз венецуелската нафта.
Претседателот на Венецуела во САД е обвинет за наркотероризам.
Поврзани вести:
- Мадуро е уапсен за да му се суди во САД – му рекол Рубио на американски сенатор
- Трамп потврди дека САД ја нападнале Венецуела: Мадуро е заробен и изнесен од земјата
- (ВИДЕО) Експлозии во главниот град на Венецуела, Мадуро прогласи вонредна состојба во земјата
- Трамп наредил напади врз Венецуела, објави Си-би-ес њуз
