Според Трамп, со ослободувањето на затворениците Венецуела дала знак дека сака мир и поради тоа тој го откажал претходно очекуваниот втор бран напади врз земјата
Инаку, според процените, во венецуелските затвори се притворени стотици политички затвореници, а досега се смета дека се ослободени само неколкумина
Венецуелските власти почнаа со ослободување притворени лица кои од страна на групите за човекови права беа означени како политички затвореници, јавуваат светските медиуми цитирајќи функционери кои наведуваат дека станува збор за гест на добра волја.

Министерството за надворешни работи на Шпанија соопшти дека од венецуелските затвори се ослободени петмина нејзини државјани, меѓу кои е и познатата венецуелско-шпанска активистка за човекови права, Росио Сан Мигел. Информацијата за американските медиуми ја потврдило и нејзиното семејство, пренесе Би-би-си.
Гестот на Каракас доаѓа откако Соединетите Американски Држави во акција извршена на 3 јануари го заробија претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, по која тој беше однесен во САД и изведен пред суд во Њујорк под обвиненија за трговија со дрога.
Во врска со ослободувањето на политичките затвореници се огласи и американскиот претседател Доналд Трамп, кој во објава на неговата социјална платформа Трут соушл (Truth Social) напиша дека тоа било долгогодишно барање на САД и го оцени гестот на властите во Каракас како многу важен и паметен.
Според Трамп, со ослободувањето на затворениците Венецуела дала знак дека сака мир и поради тоа тој го откажал претходно очекуваниот втор бран напади врз земјата.
„Венецуела ослободува голем број политички затвореници како знак на ‘барање мир’. Ова е многу важен и паметен гест. САД и Венецуела добро соработуваат, особено кога станува збор за обнова, во многу поголема, подобра и помодерна форма, на нивната нафтена и гасна инфраструктура. Поради оваа соработка, го откажав претходно очекуваниот втор бран напади, кој изгледа дека нема да биде потребен, но сите бродови ќе останат на место од безбедносни причини“,
напиша Трамп на социјалната платформа.

Тој најави и дека најмалку 100 милијарди долари ќе бидат инвестирани од Венецуела од страна големите нафтени компании со кои, како што вели, денеска треба да има средба во Белата куќа.
Шефот на Националното собрание на Венецуела, Хорхе Родригез, инаку брат на привремената претседателка на земјата, Делси Родригез, која беше назначена по соборувањето на Мадуро, на државната телевизија објави дека значителен број лица ќе бидат веднаш ослободени од затворите, но без да го прецизира бројот или идентитетот на лицата што се пуштаат на слобода.
Инаку, според процените, во венецуелските затвори се притворени стотици политички затвореници, а досега се смета дека се ослободени само неколкумина.
Претседателот на Националното собранието на Венецуела рече дека привремената влада ги ослободува лицата во интерес на националното единство и мирниот соживот, пренесе Би-би-си.
