Хуан Пабло Гуанипа бил киднапиран од десет тешко вооружени лица, соопштија неговиот син и лидерката на венецуелската опозиција и добитничка на Нобеловата награда за мир, Марија Корина Мачадо, кои побараа негово итно ослободување
Истакнатиот венецуелски опозициски политичар Хуан Пабло Гуанипа синоќа бил киднапиран во главниот град на земјата, Каракас, само неколку часа по неговото ослободување од затвор. Информацијата ја соопштија неговиот син и добитничката на Нобеловата награда за мир, Марија Корина Мачадо, кои изразија сомнеж во владините ветувања за ослободување на политичките затвореници во Венецуела, пренесоа светските медиуми.

Гуанипа, кој е близок сојузник на венецуелската опозициска лидерка Мачадо, претходно вчера беше ослободен по поминати повеќе од осум месеци во затвор под обвинение за организирање терористички заговор.
Неговото пуштање од затвор дојде по ветувањето на венецуелската влада дека ќе донесе закон за амнестија и ќе ослободи повеќе политички затвореници, откако Соединетите Американски Држави (САД) пред еден месец во молскавична акција го заробија и го соборија од власт долгогодишниот претседател на Венецуела, Николас Мадуро.
Во видео објавено на социјалните мрежи, синот на Гуанипа, Рамон Гуанипа, соопшти дека неговиот татко бил нападнат од десет тешко вооружени неидентификувани лица, кои ги нарекува офицери.
„Мојот татко повторно беше киднапиран… Барам доказ дека е жив, веднаш“,
наведе тој.
Венецуелската влада засега не одговорила на барањата за коментар за исчезнувањето на Гуанипа по неговото ослободување.
Марија Корина Мачадо, која ја доби Нобеловата награда за мир минатата година за нејзините напори за соборување на режимот на Мадуро, иста така, побара ослободување на Гуанипа.
„Пред неколку минути, Хуан Пабло Гуанипа беше киднапиран во населбата Лос Чорос во Каракас. Тешко вооружени мажи облечени во цивилна облека пристигнаа со четири возила и го одведоа со сила. Бараме негово итно ослободување“,
напиша Мачадо на социјалната платформа Икс.
URGENT
— María Corina Machado (@MariaCorinaYA) February 9, 2026
International Alert
A few minutes ago, Juan Pablo Guanipa was kidnapped in the Los Chorros neighborhood of Caracas.
Heavily armed men dressed in civilian clothes arrived in four vehicles and took him away by force.
We demand his immediate release.
Неколку часа пред да исчезне, Гуанипа објави видеа на социјалните мрежи, на кои се гледа како разговара со новинари и со група негови поддржувачи. Во дел од видеата тој повикува на ослободување на други политички затвореници, истовремено оценувајќи ја актуелната администрација во земјата како нелегитимна.
Повторниот избор на Николас Мадуро за претседател на Венецуела во 2024 година широко беше оценет како наместен, а бројни земји, меѓу кои и САД, не го признаа легитимитетот на неговата влада.
По пуштањето од затвор, Гуанипа за локален медиум изјавил дека кратко разговарал со лидерката на венецуелската опозиција, Марија Корина Мачадо, додавајќи оти се надева дека ќе го продолжи разговорот со неа следниот ден.
Venezuela tiene derecho a ser libre.pic.twitter.com/H4iOUqqbl0
— Juan Pablo Guanipa (@JuanPGuanipa) February 9, 2026
Венецуелската опозиција и групите за човекови права со години ја обвинуваат владата во Каракас за користење на притворот како средство за справување со политичките неистомисленици.
Од друга страна владата негира дека држи политички затвореници и тврди дека лицата се притворени поради извршени кривични дела.
Официјалните претставници на венецуелските власти тврдат дека речиси 900 од тие лица се ослободени, но и понатаму останува нејасна временската рамка кога се случиле тие пуштања од затвор, што наведува на сомнеж дека во нив се вбројуваат од ослободувања од претходните години.
Имено, властите во Каракас не доставија официјален список со бројот на затвореници што ќе бидат ослободени, ниту го открија нивниот идентитет.
Според организацијата за човекови права „Форо пенал“, досега се ослободени 383 политички затвореници, откако венецуелската влада на 8 јануари најави нов бран ослободувања. Вчера беа ослободени нови 35 затвореници, меѓу кои и опозицискиот политичар Фреди Суперлан и адвокатот Перкинс Роча, исто така блиски сојузници на Мачадо.
Лидерот на организацијата, Алфредо Ромеро, во објава на социјалните мрежи, навел дека сè уште немаат јасни информации за киднапирањето на Гуанипа.
