Комисијата при Советот на Европа има забелешки, но и пофалби за предлозите за промена на бугарскиот Устав, кои дојдоа како одговор на секојдневните протести за оставка на владата на Борис
Венецијанската комисија на Советот на Европа денеска ја презентира својата оцена за предлозите за измени и дополнувања на бугарскиот Устав.
Мислењето е подготвено на барање на властите во Софија и е усвоено на 20 ноември. Тоа се однесува и на предлозите за реформа на судството и обвинителството.
Венецијанската комисија изразува жалење што на првите чекори за уставните измени не им претходела соодветна јавна расправа, што предлозите биле изготвени од парламентарно мнозинство, се чини без никаков надворешен придонес и оти причините за некои предлози не се добро објаснети.
Сепак, за пофалба е што Венецијанската комисија беше вклучена во планираните измени толку рано, се додава во мислењето.
Бугарските власти мора да ги разјаснат причините за секој предлог за уставни измени и да обезбедат значајно јавно, експертско и широко политичко учество во овој процес, додава Комисијата.
Предлозите за промени што ги зголемуваат социјалните и економските права се добредојдени, но треба да се разјаснат обврските на државата да „промовира наталитет“. Ова не треба да се користи за оправдување на дискриминација на културните или етничките малцинства или на жените.
Општо ограничување на правото на глас за осудените на затворска казна треба да се замени со пофлексибилно правило, според судската пракса на Европскиот суд на правдата, препорачува Комисијата.
Во врска со предлогот за намалување на бројот на пратеници во Националното собрание од 240 на 120, предложениот број изгледа произволен, без детална процена на влијанието на ваквиот потег врз бугарскиот политички систем, се вели во документот.
Поделбата на Врховниот судски совет е позитивно оценета и презентирани се препораки за понатамошна реформа во оваа насока.
Комисијата, исто така, очекува создавање можност за независна истрага на главниот обвинител од страна на некој што не е подреден на него, како и судски надзор на налозите за одбивање истрага или гонење.
Венецијанската комисија го поздрави предлогот да се овозможи поднесување посебна жалба до Уставниот суд, како и упатување предмети од обичните судови до Уставниот суд. Комисијата смета дека ова ги подобрува личните права.
Во мислењето се вели дека предлогот за укинување на барањето за свикување на Големо национално собрание за олеснување на уставните измени не е во спротивност со европските правила. Ваква важна промена мора убедливо да се објасни, потребна е многу длабока јавна дискусија, се додава во мислењето.
Летоска бугарскиот премиер Бојко Борисов најави уставни измени како одговор на секојдневните протести пред зградата на владата во Софија.
Уште тогаш Борисов најави дека веднаш по донесувањето на уставните измени ќе бидат распишани парламентарни избори.
Внатрешнополитичките превирања во Бугарија и претстојните избори во земјата се посочуваат како една од причините за заострувањето на релациите со нашата земја, што резултира со своевидно вето за преговарачката рамка на С Македонија со ЕУ, односно за одржување на првата меѓувладина конференција.
