Спортските активности се дел од тридневната програма за одбележување на годишнината од кобниот 16 март 2025 година, кога во пожарот во т.н. дискотека „Пулс“ загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени
Велосипедска тура и кошаркарски натпревар во чест на настраданите во пожарот во „Пулс“ се одржа денес во Кочани. Во спортската сала „Сашо Лазарев-Чапо”, екипи од повредените во пожарот одиграа хуманитарен кошаркарски натпревар, со цел како што беше посочено, да се сподели љубовта кон овој спорт во сеќавање на своите другари и на сите што трагично ги изгубија животите.

Преживеаните во пожарот низ кошаркарската игра покажаа подготвеност да продолжат со процесот на рехабилитација, порача директорката на Општата болница во Кочани, Катерина Паниќ-Мирчовска, која беше присутна на натпреварот.
„Многу од нив се познаваат и во целиот процес се зближија. Голем дел од нив се и во публиката денес и на нас ни е гордост како општество, институции, што тие се живи, што продолжуваат со нивниот живот, што се враќаат на нивните секојдневни активности, особено на спортот. Со оглед на тоа дека имаат изгореници на рацете е еден вид на физикална терапија за нив“,
рече Паниќ-Мирчовска.
На настанот присуствуваше министерот за здравство Азир Алиу кој нагласи дека државата е свесна за потребите на повредените млади луѓе. Остануваат посветени на поддршката на повредените, рече Алиу и повтори дека е објавена првата Национална стратегија за справување со масовни жртви, со цел институциите да бидат подготвени за брзо и координирано дејствување во иднина.

Министерството за здравство, како што рече, и ова лето ќе даде поддршка за повредените да имаат рехабилитација во одморалиштето на Министерството за внатрешни работи на планината Пониква, но одлуката според него, ќе зависи од лекарите и експертите кои ја следат рехабилитацијата на повредените.

Велосипедската тура почна од Паркот на револуцијата во Кочани. Стотици велосипедисти и рекреативци оддадоа почит и испратија порака на солидарност и сеќавање на жртвите. Меѓу присутните беше и градоначалникот на Општина Кочани, Влатко Грозданов.
Спортските активности се дел од тридневната програма за одбележување на годишнината од кобниот 16 март 2025 година, кога во пожарот во т.н. дискотека „Пулс“ загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Според програмата, во Центарот на културата „Бели мугри“ беше прикажан музичко-балетски перформанс насловен „Кочани ви благодари“, по што следува концерт на Марко Виденовиќ и триото „Мевлем“. Во 18 часот во еден од салоните на „Бели мугри“ ќе биде промовирана книгата „Ќе те има“ од Марина Стојчевска.
На 16 март е централното одбележување на кочанската трагедија.
