Научниците од Оксфорд ќе следат дали учесниците се реинфектираат кога се повторно изложени на коронавирус
Британските научници денеска почнаа истражување со кое поранешни заболени со ковид-19 повторно ќе бидат изложени на коронавирус. Целта е да се испита имунолошкиот одговор и да видат дали луѓето ќе бидат повторно инфицирани, објави „Гардијан“.
Инфицирање на учесниците ќе биде на контролиран начин, а проценките се дека ова истражување ќе помогне и во борбата против болести како маларија, туберкулоза и гонореја.
Првиот тест на луѓе почна оваа година, а истражувањето е предводено од истражувачи од Кралскиот колеџ во Лондон. Првично беше проучена инфекцијата на луѓе со најмало количество вируси потребно за да се предизвика инфекција. Учесниците претходно немале вирус.
Истражувачите од Универзитетот Оксфорд сега објавија дека добиле етичко одобрување да спроведат ново испитување на луѓе кои имале коронавирус. Регрутирањето на волонтерите се очекува да почне во следните неколку недели.
Целта на истражувањето е да се утврди имунолошкиот одговор што ќе спречи повторна инфекција. Тимот ќе ги измери нивоата на различните компоненти на имунолошкиот одговор на учесниците, вклучувајќи ги Т-клетките и антителата, а потоа ќе се следи дали учесниците повторно се инфицираат кога се изложени на вирусот.
Учесниците мора да бидат здрави, со мал ризик од ковид-19, на возраст меѓу 18 и 30 години. Инфекцијата со коронавирус мора да се случила три месеци пред да се вклучат во истражувањето. Сите треба да имаат позитивен ПЦР-тест за коронавирус. Тие, исто така, мора да имаат изградени антитела.
Во првата фаза од испитувањето ќе учествуваат 24 лица, кои преку нос ќе ја примат првата инфекција со коронавирус. Идејата е да се започне со многу мала доза и да се зголеми доколку е потребно.
Целта е 50 отсто од учесниците да бидат заразени, но во многу лесна форма на болеста.
Втората фаза, која се очекува да почне летово, ќе вклучи нова група учесници и ќе го испита имунолошкиот одговор пред и по изложеноста на вирусот, како и нивото на вирусот и какви симптоми имаат повторно инфицираните.
Доколку се потврди повторна инфекција или се појават симптоми во која било фаза, учесниците ќе добијат третман со моноклонални антитела. Учесниците ќе добијат околу 5 000 фунти за целото истражување и секој волонтер ќе треба да се изолира најмалку 17 дена за време на тестирањето.
Тимот верува дека истражувањето не само што може да открие кое ниво на различни аспекти на имунолошкиот одговор е потребно за да се спречи повторната инфекција, туку, исто така, ќе го утврди времетраењето на заштитата и ќе помогне во развојот на третмани и вакцини.
