И покрај рекордниот број на ковид позитивни, британскиот премиер Борис Џонсон денеска соопшти дека во пресрет на Божиќ нема да има никакви дополнителни епидемиолошки мерки, но не потврди дали тие ќе бидат воведени по празниците
Во Велика Британија за првпат се регистрирани повеќе од 100 000 новозаразени во текот на еден ден од почетокот на пандемијата, соопштува британското Министерство за здравство, а пренесува српската Н1.
Според официјалните податоци регистрирани се вкупно 106 122 лица позитивни на ковид-19 во изминатото деноноќие, а на болничко лекување се 8 008 пациенти, што е за четири отсто повеќе од претходната недела.
И покрај рекордниот број на ковид позитивни, британскиот премиер Борис Џонсон денеска соопшти дека во пресрет на Божиќ нема да има никакви дополнителни епидемиолошки мерки, но не потврди дали тие ќе бидат воведени по празниците, известува Би-би-си, а пренесува Н1.
Досегашниот рекорд во дневниот број на заразени од ковид во Британија е регистриран на 17 декември кога имаше вкупно 93 045 новозаразени. Во изминатите седум дена бројот на нови случаи е зголемен за 58,9 отсто, но лекарите ги охрабрува податокот дека бројот на починати од ковид-19 е зголемен за само 2,7 отсто.
Во вторникот е регистриран и рекорден број на аплицирање на трета доза од анти ковид вакцината, која ја примиле 968 665 лица.
Досега со трета доза во Британија се вакцинирале 6,1 милион луѓе.