Осудените предизвикале пожар на 26 август 2019 од искри од необезбедена брусилица, со која работеле на викенд-куќа. Пожарот се прошири брзо и ја зафати боровата шума над велешкото езеро

Основниот суд Велес попладнево ги осуди правното лице „Реал градба“, како и нејзиниот сопственик Тасе Илиевски и вработениот Марјан Ангелов, за кривичното дело тешки дела против општата сигурност за предизвикување на пожарот над езерото „Младост“ во август 2019 година.
Во пресудата се вели дека обвинетите кривичното дело го сториле со умисла, па им изрече казна затвор во траење од по пет години на Илиевски и на Ангелов, сметајќи го и времетраењето на притворот. На фирмата „Реал градба“ ѝ е изречена ппарична казна во висина од 300 илјади денари.
Осудените предизвикале пожар на 26 август 2019 од искри од необезбедена брусилица, со која работеле на викенд-куќа. Пожарот се прошири брзо и ја зафати боровата шума над велешкото езеро „Младост“. За над 10 часа во пожарот изгореа повеќе стотици хектари квалитетна борова шума.
Во пресудата се вели дека обвинетите Илиевски, Ангелов и фирмата „Реал градба“ се виновни затоа што воопшто не постапиле според прописите во Законот за безбедност и здравје при работа, Законот за градење и Правилникот за безбедност и здравје при работа, кога вршеле брусење на плац и го предизвикале потпалувањето на тревата. Запалената трева потоа го предизвика пожарот којшто се проширил во неколку крака и ја изгорел боровата шума во близина на населба Отовица, зафатил приватни имоти, објекти на површината на брегот на езерото „Младост“, на север сѐ до селото Новачани.
Штетата беше проценета на над 27 милиони денари. Од вкупната сума, штетата на државата, односно на оштетеното ЈП „Македонски шуми“ – ШС „Бабуна“, за изгорени дрвја на вкупна површина од 4 765 кубни метри проценета е на речиси 25 милиони денари. Останатата предизвикана штета од пожарот, во вредност од 2 милиони денари е причинета на имоти и објекти во сопственост на физички лица или правни субјекти.
Одбраната најави жалба на пресудата.
Велешани се револтирани бидејќи не се обнови опожарената борова шума стара десетици години и наместо тоа, на локацијата се градат станбени комплекси.