„За мене е тоа малку срамно, морам да признаам, некој од страна да доаѓа да ни помага, а ние во државава да немаме капацитет тоа сами да си го организираме. Јас сум убедена дека имаме капацитет и финансиски средства сами да го организираме тоа, но тоа е само мое лично уверување“, изјави Душица Перишиќ на денешната конференција говорејќи за проблемите со кои се соочуваат противпожарните единици во земјава
Наместо повеќе од 800, во земјава има помалку од 400 пожарникари, не постои центар за нивна обука, а тука е и проблемот со старите и дотраени противпожарни возила кои се „пензионираат“ само ако пристигне некоја донација од странска држава или организација.

Овие три, дополнително со недостатокот на опрема за пожарникарите, се главните проблеми со кои се соочуваат противпожарните единици во земјава, кажа извршната директорка на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), Душица Перишиќ, на денешната конференција „Заштита на објекти од пожар и претставување на работата на техничкиот комитет ИСРСМ ТК 46“, што денеска се одржа во Стопанската комора.
Перишиќ во своето обраќање потсети дека од 2005 година кога започна процесот на децентрализација, противпожарните единиците кои дотогаш беа по надлежност на Министерството за внатрешни работи, преминаа под капата на општините.
Во моментов, како што посочи таа, има 34 единици за противпожарна заштита кои се наоѓаат во исто толку општини, но ги покриваат сите 80 општини, вклучително и Град Скопје како 81. посебна единица на локална самоуправа.
Таа ја спомена и големата трагедија во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, во која загинаа 62 лица, а повеќе од 200 беа повредени, за која рече дека први кои реагирале биле кочанските пожарникари, кои спречиле уште поголема трагедија, а на помош пристигнале и нивните колеги од соседните општини.
Сепак, како што кажа таа, проблемите кои ги имаат противпожарните единици траат веќе 20 години, односно од 2005 година, кога овие единици преминаа под надлежност на општините.
„Прва и основна работа, што е и еден од најголемите проблеми е тоа што таа надлежност се финансира со блок-дотации од централната власт. Во моментов имаме околу 400, нешто помалку од 400 пожарникари во сите единици на противпожарна заштита, иако согласно закон бројката треба да биде поголема од 800, бидејќи законот јасно вели дека на секои 1 500 жители треба да има по еден пожарникар. Тоа е првата и најголемата болка што ја имаме во општините“,
рече Перишиќ.
Вториот, но не и помал проблем, рече таа, е што во државата не постои тренинг центар каде новите и постојните противпожарни кадри би добиле соодветна обука за да можат да си вршат својата работа. Во таа насока таа со пример објасни како немањето тренинг центар влијае при спроведувањето на конкурсите за нови пожарникари.
„Ќе ви го споменам случајот што ни се случуваше во неколку општини. Распишуваат конкурс за човек кој ќе работи во противпожарна единица и се јавуваат четири-пет кандидати. Тие избираат еден, другите пријавени се жалат затоа што нема основа по кој ќе го изберете токму тоа лице да биде дел од противпожарната единица, затоа што нема квалификација, нема гаранција, нема стандард и тоа може да оди така во недоглед. Значи мораме да погрижиме да обезбедиме тренинг центар каде што сите нови, но и постојни кадри бидат соодветно тренирани“,
кажа Перишиќ.

Третиот проблем со кој се соочуваат противпожарните единици се возилата, кои се стари со децении и пожарникарите ги поправаат, трудејќи се со нив што поуспешно да си ја завршат работата.
Кога станува збор за возилата, таа рече дека има донации од амбасади и разни организации, но и тука се јавуваат проблеми бидејќи тие донирани возила доаѓаат од земји кои користат сосема поинакви системи, почнувајќи од мерните.
„На пример имавме една операција „Флоријан“ која долги години е присутна на територијата на нашата земја и кои ни даваат возила и опрема кои се со различни системи, со различен метрички систем, па возачкото место не е на левата страна, туку на десната страна, па приклучните елементи не се метрички навој, туку со инчен (англосаксонски) навој и тогаш мора да користите разни механизми и тоа да го оспособите за наши услови“,
рече извршната директорка на ЗЕЛС.
Што се однесува до опремата за пожарникарите, таа во своето обраќање кажа дека секоја општина на свој начина се снаоѓа да им обезбеди нови чизми, одела и друга опрема на пожарникарите.
Како што наведе ова го гледаат и странските амбасади и донаторски организации поради што организираат средби на која се разговара за донирање помош, што според Перишиќ за неа е срамно бидејќи смета дека државата има и финансиски капацитет сама да ги опреми пожарникарите и противпожарните единици.
Една таква средба, чиј домаќин била ЗЕЛЗ се случила минатата недела на 18 јуни, на која од присутните амбасади и организации прашале како можат да помогнат.
„За мене е тоа малку срамно, морам да признам, некој од страна да доаѓа да ни помага, а ние во државава да немаме капацитет тоа сами да си го организираме. Јас сум убедена дека имаме капацитет и финансиски средства сами да го организираме тоа, но тоа е само мое лично уверување. И што направиме ние како ЗЕЛС? Испративме до сите 34 општини кои имаат свои противпожарни единици прашања за тоа што им недостасува и во септември ќе имаме следен состанок каде ќе се обидеме да направиме некаква си координација за тоа која амбасада и кој донатор што би донирал. Пак ќе речам за мене тоа е ужасно срамно затоа што сметам дека оваа држава има и финансиски и други можности тоа да го направи сама и нема потреба да бараме некој да ни помага во таа насока“,
рече Перишиќ.

Освен проблемите во противпожарните единици кои се во надлежност на локалната самоуправа, има и такви и во институциите кои се под капата на централната власта, како што се Центарот за управување со кризи (ЦУК) и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
„Центарот за управување со кризи (ЦУК) и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) треба повеќе да се координира треба повеќе да се организираат. Скоро слушнав и Агенцијата за шумарство или како и да им е името, не сум точно сигурна, немаат свои пожарникари, дека и тие сакаат да ги користат единиците кои припаѓаат на локалната самоуправа што е малку чудно бидејќи најголем број на пожари настануваат токму во шумите сега во летниот период и тие се тие кои треба најдобро да се организираат. Мислам дека сите треба да се организираме оваа ситуација да ја направиме да биде подобра да го решиме проблемот бидејќи тие луѓе кои работат во противпожарните единици многу често ги жртвуваат своите животи, своето здравје, обидувајќи се да не спасат сите нас“,
кажа на крајот од своето обраќање извршната директорка на ЗЕЛС.