Според Платформата, ова претставува упад во работата на институциите кои по својот модел треба да бидат независни од централната власт и опасен преседан кој води кон дополнителна партизација на институциите
Како што може да се види од материјалите на веб-страницата на Собранието, предлагачи на измените на Законот за јавните набавки, во скратена постапка се пратениците од ВМРО-ДПМНЕ – Александар Јамалов, Антонијо Милошоски, Бојан Стојаноски, Драгана Бојковска, Зоранчо Јованчев, Игор Здравковски и Љупчо Пренџов
Веднаш да се стопира иницијативата за измена и дополнување на Законот за јавните набавки, поднесен во Собранието по скратена постапка, бара Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата.

Причината поради која Платформата реагира на предложените законски измени, поднесени пред една недела, односно на 5 декември, од група пратеници од владејачкото мнозинство, е бидејќи, со нив, како што велат оттаму, се укинува управната контрола на јавните набавки што ја спроведува Бирото за јавни набавки.
Според Платформата, ова претставува сериозно уназадување на заштитата од корупција во услови кога оценките на сите релевантни меѓународни и домашни чинители укажуваат дека корупцијата во јавните набавки е широко распространета.
„Наместо, според препораките, да се зајакнува управната контрола и да се проширува опфатот на тендери кои ќе бидат контролирани врз основа на постојните ‘црвени знаменца’ за ризици од корупција, оваа контрола се укинува без каков и да е аргумент. Воведувањето на т.н. административна проверка наликува на стариот механизам кој веќе се применуваше и беше предмет на многу контроверзии и критики од сите релевантни институции“,
се вели во соопштението на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата.
Дополнителна партизација
Оттаму, посочуваат и дека, иако еднаш веќе бил повлечен предлогот, со предложените измени и дополнувања на Законот, повторно се предвидува престанок на мандатите на претседателот и на членовите на Државната комисија за жалби по јавни набавки, без притоа да бидат исполнети условите за разрешување и без какви било јавни консултации.
Според Платформата, ова претставува упад во работата на институциите кои по својот модел треба да бидат независни од централната власт и опасен преседан кој води кон дополнителна партизација на институциите.
Особено, велат оттаму, загрижува моментот кога се предлагаат овие и низа други измени во Законот.
„При историски највисок буџет, нови задолжувања и секојдневни индиции за злоупотреба на јавните пари, ваквите измени се чекор назад во градење на систем кој може да ја спречува и ефективно да ја санкционира корупцијата“,
се наведува во соопштението.
Од Платформата инсистираат при какви било намери за измени на законската регулатива од доменот на јавните набавки да се организира консултативен процес во кој ќе учествуваат сите надлежни институции како Бирото за јавни набавки, Државната комисија за жалби по јавни набавки, Министерството за финансии, Државната комисија за спречување на корупцијата и граѓанските организации кои работат на антикорупциска проблематика.
Дополнително од граѓанските организации здружени во Платформата за борба против корупцијата, повторно укажуваат дека практиката на носење законски измени по скратена постапка, без консултативен процес, е неприфатлива и спротивна на европските заложби за демократско, инклузивно и стручно креирање на јавните политики.
Членки на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата се: Асоцијација за демократски иницијативи, Институт за демократија „Социетас цивилис“ Скопје, Институт за човекови права, Коалиција Сите за правично судење, Здружение КОНЕКТ – Скопје, Македонски центар за меѓународна соработка, Мост, Метаморфозис, Охрид институт, „Транспаренси интернешнал“ – Македонија, „Транспарентност“ Македонија, Фондација Отворено општество Македонија, Форум ЦСИД, Центар за граѓански комуникации, Центар за истражување и креирање политики, ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии, Хелсиншки комитет за човекови права, SCOOP – Центар за истражувачко новинарство.
Инаку, како што може да се види од материјалите на веб-страницата на Собранието, предлагачи на измените на Законот за јавните набавки се пратениците од ВМРО-ДПМНЕ – Александар Јамалов, Антонијо Милошоски, Бојан Стојаноски, Драгана Бојковска, Зоранчо Јованчев, Игор Здравковски и Љупчо Пренџов. Предлог-законските измени се во фаза на второ читање и оваа точка е разгледана од матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет, а дополнително пред за неа да се расправа во рамките на 22. Пленарна седница чија точка на дневен ред е, треба да го помине и филтерот на Законодавно-правната комисија.

Избор на нов состав на Државната комисија за жалби по јавни набавки
Според предлагачите, со измените и дополнувањата Законот кој почна да се применува од април 2019 година и веќе еднаш претрпе измени во 2021 година, се вршат „одредени интервенции со цел постигање на чекорите планирани со Реформската агенда во рамки на Планот за раст за Земјите од Западен Балкан“.
„Како дел од Реформската агенда се предвидени повеќе реформи во делот на управувањето со јавните финансии, меѓу кои и реформата: ‘Зајакнување на системот на јавните набавки’“,
се вели во образложението на предлог-законските измени.
Во делот на Државната комисија за жалби по јавни набавки, за што реагираат од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, предлагачите велат дека со измените се предвидува зајакнување на нејзиниот капацитет со дополнителни два члена.
Сепак, предложените измени, како што може да се види од текстот, предвидуваат распуштање на актуелниот состав и избор на нов претседател и членови преку оглас кој Собранието треба да го распише 15 дена по влегувањето во сила на измените на Законот.
Во членот 45, во алинејата 3 од ставот 1, каде стои дека Бирото за јавни набавки „дава мислења во врска со одредбите и примената на овој закон и ги прави достапни до јавноста на неговата веб-страница“, според предлог-измените делот „и ги прави достапни до јавноста на неговата веб-страница“ се брише.

Исто така, во алинејата 6 од ставот 1 на истиот член „управната контрола сега станува ‘административна проверка’“.
Во таа насока се менуваат и седум члена од Деветтата глава на Законот, која наместо „Управна контрола и ревизија“, согласно измените се именува „Административна проверка и ревизија“.

Дополнително, со измените се брише членот 179 од оваа глава кој се однесува на годишни податоци за извршена управна контрола, а кој во актуелниот текст на Законот сега гласи:
„Податоците од извршените управни контроли во тековната година се составен дел на годишниот извештај на Бирото за неговите активности во функционирањето на системот на јавните набавки доставен до Владата“.