Новото дебатно издание на емисијата „360 степени“ се емитува вечерва (18 февруари 2022 г.) од 22 часот на ТВ Алсат
Присуството на припадници на еврејската група Лев Тахор на територијата на земјава предизвикува вознемираност и реакции од локалното население. За време на престојот во Куманово, групата која брои околу 40 члена постојано беше мета на дофрлања, а состојбата ескалираше кога мештани фрлаа јајца и откорнаа капија на една од куќите во кои беа сместени. Тоа беше аларм за полицијата дека групата треба да се дислоцира на безбедно, па по одбивањето од повеќе хотели да ги прифатат, припадниците на Лев Тахор конечно се сместија во хотел во Скопје чија локација, од безбедносни причини, не се открива. Од групата сега се жалат дека се чувствуваат како да се во притвор, иако легално престојуваат во Северна Македонија. Станува збор за луѓе со канадски, американски, белгиски пасоши, кои често ги менуваат државите на престој – во дел се соочуваат со реакции од домицилното населние, а во дел – со проблеми со властите, особено поради специфичниот однос кон децата и жените. Се сметаат за еврејска секта, формирана во осумдесетите години на минатиот век, со едвај неколку стотици приврзаници во целиот свет. Зошто во мултиконфесионална Северна Македонија наидоа на ваков прием е една од темите на кои вечерва ќе разговарам со директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи, Даријан Сотировски, во засебно интервју, а потоа и во дебата со новинарите Бранко Ѓорѓевски и Марјан Николовски. Со нив и со Андреја Богдановски, докторанд на Универзитетот во Бакингем, Велика Британија, го отвораме и прашањето за признавање на МПЦ-ОА во контекст на актуелната руско-украинска криза.
Емисијата се емитува од 22 часот на ТВ Алсат.