Новото дебатно издание на емисијата „360 степени“, во кое гостуваат Васко Наумовски и Љупчо Петковски, се емитува вечерва (14 мај 2021 г.) од 22 часот на ТВ Алсат
По мноштвото реакции од земји членки и функционери на ЕУ против раздвојување на Северна Македонија и Албанија, еврокомесарот Оливер Вархеји, кој ја предизвика бурата, денеска иронично коментираше дека е многу среќен што слуша оти државите членки се навистина подготвени за закажување на првите меѓувладини конференции со двете држави, бидејќи тоа досега не било толку јасно. Навраќајќи се својата изјава за можно раздвојување, Вархеји рече дека тоа е само кажување на очигледното. „Ако не можеме да постигнеме договор за двете земји, ова прашање неизбежно ќе се наметне“, рече комесарот од Унгарија на заеднички панел со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, во рамките на економскиот форум „Делфи“ во Грција. Димитров цитираше твит на премиерот на Албанија, во кој Еди Рама вели дека дискусиите за почетокот на преговори со ЕУ на неговата земја и на Северна Македонија го потсетуваат на делото на Семуел Бекет – „Чекајќи го Годо“, во кое главните ликови Естрагон и Владимир никогаш не го дочекуваат Годо.
Застојот во македонските евроинтеграции, во контекст на настаните и изјавите од последните денови, како и во контекст на политичката криза во соседна Бугарија, е темата за која вечерва дебатираме со поранешниот вицепремиер за европски прашања Васко Наумовски и истражувачот во оваа област Љупчо Петковски.
Емисијата почнува во 22 часот на ТВ Алсат.