Новото издание на емисијата „360 степени“, во кое во одделни дебатни сегменти третираме две теми, се емитува вечерва (25 март 2022 г.) од 22 часот на ТВ Алсат
Дали покрај за вистинската војна, онаа предизвикана со инвазијата на Русија во Украина, е оправдано да се зборува и за војна со информации? Ако да, како стојат работите на тој план глобално и во Северна Македонија? Кои се наративите што се пласираат и меѓусебно се борат? Кој ја добива таа војна? Дали во актуелниот контекст на удар се главно етничкте Македонци или цел се и етничките Албанци? За ова разговараме со Емир Хасановиќ, експерт по стратешки комуникации и координатор за Западен Балкан во Институтот за стратешки дијалог со седиште во Лондон, и Сефер Селими, основач и директор на Democracy Lab.
Северна Македонија останува меѓу десетте држави членки на Советот на Европа во кои не постои правна рамка за признавање на родот, иако е обврзана да го обезбеди тоа по пресудата што Европскиот суд за човекови права во 2019 година ја донесе во полза на лицето Х кое ја тужеше државата дека го прекршила членот 8 од Европската конвенција за човекови права. Владата ги повлече од собраниска процедура предлог-измените на законот за матична евиденција, со кои треба да се овозможи постапка за правно признавање на родовиот идентитет, со објаснување дека било потребно усогласување на сосема други теми, иако од изјавите на дел од пратениците, па и од мнозинството, стана јасно дека има отпор за носење на измените во ваква форма. На оваа тема гостуваат: Маја Морачанин, пратеничка и координаторка на интерпартиската парламентарна група за унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето и Наташа Бошкова, адвокатка и правна советничка во коалицијата Маргини.
Емисијата се емитува од 22 часот на ТВ Алсат.