Новото дебатно издание на емисијата „360 степени“ се емитува вечерва (22 април 2022 г.) од 22 часот на ТВ Алсат
Зголемената инфлација предизвикана, пред се, од растот на цените на храната и енергенсите, на што сведочиме во изминатите месеци, го намалува животниот стандард и внесува несигурност и вознемиреност кај граѓаните. Разбирливо, зашто за истите пари можат да купат помалку. Инфлацијата над очекуваните, вообичаени, проектирани стапки, која креира несигурна околина, битно влијае и на одлуките на бизнисот и инвесторите. Што прави и што може да прави влада во мала и трговски отворена економија како нашата, која по дефиниција е многу подложна на надворешни шокови? Што во овие околности ќе значи зголемување на платите во образованието и во други области од јавниот сектор? Дали на владата и се враќа како бумеранг одлуката за зголемување на минималната плата на 18 илјади денари? Ќе се соочиме ли со т.н. стагфлација или стагнирање на економскиот раст во услови кога цените продолжуваат да растат? Како владата ќе го финансира буџетскиот дефицит и што треба да се очекува од макро-финансиската поддршка од Европската Унија и од Заемот за претпазливост и ликвидност од ММФ? Ова се дел од прашањата за кои вечерва разговарам со вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.
Емисијата се емитува од 22 часот на ТВ Алсат.