Новото издание на емисијата „360 степени“, во кое гостува министерот за здравство Венко Филипче, се емитува вечерва (30 април 2021 г.) од 22 часот на ТВ Алсат
Од вторник треба да почне масовна вакцинација на населението во Македонија против ковид-19, во вистинска смисла на зборот – масовна. Такви се најавите од здравствените власти откако денеска изутрина во Скопје пристигнаа двесте илјади дози од вакцината „Синофарм“. Станува збор за една од пет вакцини произведени и одобрени за употреба во Кина. „Синофарм“ во секој момент очекува одобрување за итна употреба и од Светската здравствена организација, но досега нема најави за нејзина регистрација од Европската агенција за лекови. Дали е тоа прашање што треба да загрижува, е една од темите за која ќе разговараме со министерот за здравство Венко Филипче. Ќе зборуваме и за ризиците што ги носат велигденските и рамазанските празници по одлуката на Владата за релаксирање на мерките. Текот на епидемијата и се уште високиот број на смртни случаи се, исто така, неизбежна тема.
„360 степени“ почнува во 22 часот на ТВ Алсат.