Новото издание на емисијата „360 степени“, во кое гостува јавната обвинителка Вилма Русковска, се емитува вечерва (7 мај 2021 г.) од 22 часот на ТВ Алсат
Четири години по настаните од 27 април во Собранието, во услови на донесена второстепена пресуда и тековен судски процес за организаторите, на јавна сцена деновиве повторно е актуелна дилемата – дали е соодветна квалификацијата на кривичното дело за кое се осудени 16-мина учесници во настаните и дали тие се терористи. Членот 313 од Кривичниот законик, за што им е изречена казна затвор од вкупно 188 години на овие 16 лица, и на кој се темели и обвинението за организацијата на настаните, носи назив: терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Одредбата е дел од главата Кривични дела против државата во Кривичниот законик, за разлика од членовите за тероризам и за терористичка организација, кои се во главата Кривични дела против јавниот ред, но во јавноста одново и одново се враќа прашањето дали овие луѓе треба да одговараат за тероризам, дали делото што го направиле е тероризам итн.
Ова е една од темите за кои вечерва ќе разговараме со шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска. Ќе зборуваме и за други актуелни прашања од таа сфера, како неодамнешниот избор и промоција на јавни обвинители, истрагите за Рашковски, за плацовите на Водно, притворот на Камчев…
„360 степени“ почнува во 22 часот на ТВ Алсат.