Новото дебатно издание на емисијата „360 степени“, во кое гостуваат Мила Царовска и Виктор Мизо, се емитува вечерва (4 јуни 2021 г.) од 22 часот на ТВ Алсат
Во ова издание ќе зборуваме за обидите на Министерството за образование да го приспособи средното стручно образование на потребите на компаниите од реалниот сектор. Подготвителните чекори се направени, бројот на дуални паралелки, во кои особено внимание ѝ се придава на практичната настава, е зголемен од 11 на 97, но сега треба да се убедат оние што завршуваат основно дека запишувањето во средно стручно не е упис заради упис, туку дека е инвестиција во поизвесна иднина, со вработување и пристојна плата за достоинствен живот. Гости се: Мила Царовска, министерка за образование и наука, и Виктор Мизо, генерален менаџер на „Костал Македонија“ (германска инвестиција во земјава).
Присуството на министерката Царовска ќе го искористиме за да поразговараме на уште една актуелна тема – откупот на учебници за следната година. Првиот обид за преговори со „Арс Ламина“ и „Арбериа Дизајн“ пропадна затоа што двете издавачки куќи не доставија докази за авторско право за кембриџ-учебниците, како што побара Министерството. Двете компании, кои во изминатите години инкасираа 30 милиони евра од откуп на учебници од државата, велат дека тоа прашање било апсолвирано при одобрувањето на учебниците пред неколку години.
Емисијата почнува во 22 часот на ТВ Алсат.