Емисијата „360 степени“, во која гостуваат универзитетските професорки Александра Грозданова и Ирина Пановска-Ставридис, се емитува вечерва (2.4.2021 г.) од 22:00 часот на ТВ Алсат
Темата за вакцините против ковид-19 во Македонија полека се поместува од прашањата – зошто ги нема, кој е одговорен за тоа, кога ќе дојдат – кон прашањата – дали вакцините се безбедни и колку луѓе се подготвени да се вакцинираат? Во анкетата што денеска ја објави Институтот за демократија, половина од граѓаните на земјава рекле дека би се вакцинирале, 34 отсто одговориле дека не би се вакцинирале, а 16 отсто се уште се двоумат. Притоа, најголем дел – 39 отсто би ја примиле вакцината на „Фајзер“, па 21 отсто – „Спутник Ви“. Следуваат „Синофарм“ и „Модерна“ со 6 односно 5-отстотна преференција. Најмалку посакувана вакцина меѓу анкетираните граѓани е „АстраЗенека“ која би ја одбрале 3 отсто. Од каде вакви разлики во изборот на вакцините и дали ваквите ставови на граѓаните имаат научна и практична поткрепа? Има ли простор за загриженост кај помладите од 60 години кои во соседна Србија ја примија вакцината на „АстраЗенека“, особено откако германската комисија за вакцини вчера излезе со препорака – оние што примиле една доза од „АстраЗенека“, а се помлади од 60 години, по 12 недели да примат втора доза од мРНА вакцина, какви што се оние на „Фајзер“ и „Модерна“.
Наши гости вечерва се проф. д-р Александра Грозданова, од Националната техничка група за ковид-19 вакцинација, и проф. д-р Ирина Пановска-Ставридис, директорка на Универзитетската клиника за хематологија.
„360 степени“ почнува во 22:00 часот на ТВ Алсат.