Новото издание на емисијата „360 степени“, во кое гостува министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, се емитува вечерва (23 април 2021 г.) од 22 часот на ТВ Алсат
Ресорот транспорт и врски во овој период е актуелен поради неколку прашања. Едно е спорниот Детален урбанистички план за просторот кај „Холидеј ин“ во Скопје и можноста за негова суспензија. Потоа, договорот што произлезе од лидерската средба Заев-Мицкоски – во Собранието да се донесат измени и дополнувања на постојниот, но да се изгласа и нов закон за легализација на дивоградби, со што рокот во кој можел да биде изграден нелегален објект што би бил предмет на легализирање се поместува од март 2011 година за октомври 2019 година. Транспорт и врски се актуелни и поради потпишувањето меморандум со американско-турскиот конзорциум „Бехтел-Енка“ за изградба на неколку автопатски делници во земјава, без тендер, туку со директен договор со фирмата, чии проекти во регионов, патем, ги следат серија скандали. На овие теми вечерва ќе разговарам со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, кој во изминатите осум месеци шефува со овој ресор откако речиси три години беше градоначалник на Штип.
„360 степени“ почнува во 22 часот на ТВ Алсат.