Новото издание на емисијата „360 степени“, во кое гостуваат министерката за образование Мила Царовска и државната советничка кај омбудсманот, Васка Бајрамовска-Мустафа, се емитува вечерва (17 септември 2021 г.) од 22 часот на ТВ Алсат
Дали беше исправна одлуката на централните власти за почеток на новата учебна година со физичко присуство на учениците? Ова е прашањето за кое ќе дискутираме вечерва во „360 степени“, две и пол недели по стартот на годината. Дилемата дополнително доби на специфична тежина откако неделава Народниот правобранител излезе со укажување за зачестени јавувања и поплаки од родители за нецелосно спроведување на протоколите, за долго времетраење на наставниот ден и часовите – период во кој учениците мора да носат маска и да се изложени на провев поради постојано проветрување на училниците, за паралелки со голем број ученици, неопремени тоалети, недостиг на хигиенски и дезинфекциски средства… Ова не е единствената тема на која стигнуваат критики на адреса на министерката за образование и наука Мила Царовска. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, ѝ се закани на Царовска дека по падот на власта таа, како што вели, прва ќе оди во затвор зашто без закон вовела дигитални учебници за прво и за четврто одделение. Министерката Мила Царовска е гостинка во „360 степени“ заедно со Васка Бајрамовска-Мустафа, државна советничка кај Народниот правобранител.
Емисијата почнува во 22 часот на ТВ Алсат.