Новото издание на емисијата „360 степени“, во кое третираме две теми – 1) најавата за нови мерки за стимулирање на вакцинацијата кај вработените во јавниот сектор и 2) спласнатите изгледи за „зелено светло“ од Софија за Скопје на Советот на ЕУ на 14 декември, се емитува вечерва (19 ноември 2021 г.) од 22 часот на ТВ Алсат
Во ова издание третираме две теми. Првата е поврзана со најавите од Владата за нови мерки чија цел, како што се објаснува, е да се стимулира вакцинација кај вработените во јавниот сектор, како и со реакциите што дојдоа по таа најава. Синдикатите сметаат дека обврската да се прими барем една доза вакцина или да се прави ПЦР-тест еднаш неделно за да може да се оди на работа би била противуставна, спротивна на меѓународните конвенции за човекови права, а и финансиски би ги истоштила вработените во јавниот сектор поради тестовите што би ги правеле на свој трошок. Од прва рака, ќе ги слушнеме аргументите на генералниот секретар на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, и на министерот за здравство Венко Филипче.
Втората тема е поврзана со прашањето – колку сѐ уште се живи и реални надежите за деблокада на интеграцискиот процес на Северна Македонија во Европската Унија веќе следниот месец? Последните изјави од Софија одат во спротивна насока, од тоа дека нема основа за такво нешто со оглед на тоа што Скопје не ги реализира преземените обврски, како што велат од тамошното МНР, до тоа дека 14 декември е пребрзо за да може да се најде решение, како што оценуваат од политичката гарнитура што најверојатно ќе ја води новата влада во Софија. За ова ќе разговараме со шефот на дипломатијата Бујар Османи.
Емисијата се емитува од 22 часот на ТВ Алсат.