Новото издание на емисијата „360 степени“, во кое со вицепремиерот за европски прашања во заминување разговараме за содржината и реакциите по неговата прес-конференција од средата, се емитува вечерва (14 јануари 2021 г.) од 22 часот на ТВ Алсат
Бура од реакции предизвика прес-конференцијата на Никола Димитров во средата, последна како вицепремиер за европски прашања. И разбирливо, ако се има предвид содржината на пораките од Димитров, кој вообичаено до тој момент многу внимателно се формулираше во своите јавни настапи. По пресот, медиумскиот фокус беше кон изјавите дека нема доверба во шефот на дипломатијата, Бујар Османи, за тоа како ги води преговорите со Бугарија, дека во изминатата година внатре во владата водел тешка битка при градењето на ставот во однос на Бугарија, дека неговите ставови за овие прашања се меѓу причините за тоа што веќе нема да биде министер…, иако Димитров изнесе и серија критични оценки за состојбите внатре во државава или, како што рече, за клучниот пораз – неуспехот да се изгради функционален систем во интерес на граѓаните. Зошто се реши за ваков настап, дали тој е резултат само на фактот што веќе нема да биде дел од владата, кои се неговите коментари за критиките што стигнаа на негова адреса, се дел од прашањата за кои вечерва ќе разговарам лично со Никола Димитров.
Емисијата почнува во 22 часот на ТВ Алсат.