Новото издание на емисијата „360 степени“, во кое со министерот за транспорт и врски (во оставка) разговараме за новиот предлог-закон за легализација на дивоградби, се емитува вечерва (24 декември 2021 г.) од 22 часот на ТВ Алсат
Владата вчера промовираше нов предлог-закон за легализација на дивоградби утврден во фотофиниш пред Зоран Заев да ја поднесе оставката како премиер. Новото предлог-законско решение е супститут за она што Собранието го изгласа во мај оваа година, со гласови и од мнозинството и од опозицијата, но на крај, по бурните реакции во јавноста, шефот на државата реши да не го потпишува. Од Владата тврдат дека, во меѓувреме, реализирале широк консултативен процес со вклучување на сите засегнати страни и дека новиот предлог-закон ги зема предвид забелешките на адреса на претходното решение. Но, веќе има реакции и за овој повторен обид, на пример, од професорката Мирјана Најчевска, која смета дека „ова е закон со кој се промовира неправото. Нема правна држава во држава во која одново и одново се врши легализација на бесправно изградени објекти. Не ни треба Бугарија за да не влеземе во ЕУ. Ние самите со секоја своја постапка градиме ѕид кон ЕУ“, вели Најчевска. Ова е централната тема на која вечерва ќе разговарам со министерот за транспорт и врски во оставка, Благој Бочварски. Ќе зборуваме и на други прашања – за тековните и најавените проекти за изградба на автопати, за промените во СДСМ и во Владата…
Емисијата почнува во 22 часот на ТВ Алсат.