Новото издание на емисијата „360 степени“, во кое дебатираме за инсистирањето на дел од коалициските партнери на СДСМ за воведување една наместо сегашните шест изборни единици во период од три месеци, се емитува вечерва (21 јануари 2022 г.) од 22 часот на ТВ Алсат
Или измени на Изборниот законик со воведување една изборна единица до 15 април или крај на поддршката на СДСМ и предвремени избори. Оваа порака од Павле Трајанов, пратеник и лидер на Демократски сојуз (ДС), една од партиите партнери на СДСМ во коалицијата од последните парламентарни и локални избори, ја разбранува политичката сцена која се чинеше барем привремено стабилизирана по изборот на новата влада. Од СДСМ одговараат дека не бегаат од темата, но и дека не сакаат да се врзуваат со рокови, особено што измени на Изборен законик се носат со консензус. ВМРО ДПМНЕ, пак, и ова го користи во функција на барањето за предвремени избори, со порака до иницијаторите дека се подготвени за разговор. Но, дури и да има согласност кај големата партиска четворка за воведување една изборна единица наместо актуелните шест, што не може да се заклучоци од досегашните јавни пораки, следното важно прашање што ќе се отвори е – ќе има ли праг што ќе треба да се достигне за да се влезе во конкуренција за распределба на пратеничките мандати или ќе се оди на една изборна единица без праг? На оваа тема и за пошироките политички импликации од неа вечерва ќе разговарам со пратеникот и лидер на ДС, Павле Трајанов и пратеничката и лидерка на ДОМ, Маја Морачанин.
Емисијата се емитува вечерва од 22 часот на ТВ Алсат.