Новото дебатно издание на емисијата „360 степени“ се емитува вечерва (15 април 2022 г.) од 22 часот на ТВ Алсат
Прашањето за промена на изборниот модел, можеби за момент, не е меѓу најжешките политички теми, но логиката вели дека во еден момент, во поблиска или подалечна иднина, повторно ќе се наметне како важно прашање за релевантните партии. Всушност, темата за воведување една изборна единица, на најдиректен начин, во јавниот фокус ја врати лидерот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, со изјава на почетокот на годината кога се закани и со напуштање на владата доколку до средината на април не биде усвоено нивното барање. Трајанов подоцна го омекна ставот, што не значи дека неговата и други партии од коалицијата предводена од СДСМ се откажаа од инсистирањето за претопување на актуелните шест во една изборна единица. Што велат искуствената и експертската страна на оваа тема? Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС), со поддрша на УСАИД, спроведе поширок проект, од кој, меѓу другото, треба да произлезе физибилити студија за дизајн или промена на изборниот модел, која би ги опфатила агрументите за и против една изборна единица и би ги земала предвид спецификите на земјава. Тројца од експертите вклучени во оваа активност, професорите Александар Спасеновски, Вели Креци и Гордан Георгиев, вечерва се гости во „360 степени“ токму на оваа тема.
Емисијата се емитува од 22 часот на ТВ Алсат.